Распишан оглас за изградба на секундарна и терцијарна гасоводна мрежа
Владата распиша огласи за изградба на секундарна и терцијарна гасоводна мрежа преку јавно-приватно партнерство за Скопскиот, Западниот и Источниот регион. Вкупната проценета вредност за изградба на оваа гасоводна мрежа е околу 150 милиони евра.
Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска на прес-конференција појасни дека ќе бидат опфатени сите 17 општини во Скопскиот регион, 36-те општини во Источниот регион и 26-те општини во Западниот регион.
- Со ова започнува процесот на секундарна и терцијарна гасификација односно паралелно со изградбата на примарната гасоводна мрежа ќе се работи и на изградба на систем со кој директно ќе се поврзат крајните корисници - државните институции, компаниите и граѓаните на Република Македонија, истакна вицепремиерот Пешевски.
Тој додаде дека според нивните проценки, се очекува до 2022 година да бидат завршени околу 70 проценти од гасификацијата на целата територија на Македонија.
Огласите се веќе објавени во Службен весник и на страницата на Бирото за јавни набавки, а од утре ќе бидат објавени и во јавните гласила во Република Македонија и во „Фајненшл Тајмс“ а извесен период ќе бидат достапни и на платформата ТЕД – официјалното гласило за тендери на Европската Унија.
- Сметам дека овие огласи ќе предизвикаат големо внимание кај заинтересираните компании и дека ќе се зголеми конкуренцијата, а на крај бенефит ќе имаат како компаниите кои ќе ги добијат концесиите, така и Република Македонија и крајните корисници, нагласи Пешевски.
За разлика од претходните огласи, во овој оглас има неколку суштински разлики како од технички аспект, така и во однос на тоа дека периодот на концесија е продолжен од 20 на 30 години, а и приклучокот којшто треба да го субвенционира Владата е намален за дваесетина проценти.
- Има неколку суштински разлики како во техничкиот изглед на самиот јавен повик од аспект на имплементација на приоритетни и помалку приоритетни општини, но она што е суштински важно е дека рокот на концесија е продолжен од 20 на 30 години. Исто така и самиот приклучок којшто го предвидува Владата да го субвенционира е за 20 проценти намален. Има и голем број технички подобрувања коишто споредено со она што беше порано се пренесени од искуствата и консултациите со експертската јавност. Има и сериозни подобрувања во она што се вика драфт верзија на концесискиот договор, рече Христијан Мицкоски, претседател на тендерската комисија и советник на претседателот на Владата.
Во однос на примарната гасификација на прес-конференцијата во Владата беше соопштено дека досега целосно е изграден магистралниот гасовод од Клечовце до Штип, додека во тек на реализација се три магистрални гасоводни делници од Штип до Неготино, од Неготино до Битола и од Скопје преку Тетово до Гостивар. Во следниот период се очекува да се започне со изградба на уште 13 делници на магистрални гасоводи и осум краци за поврзување на гасодоводот со индустриските зони. Вкупната инвестиција за примарната гасоводна мрежа изнесува околу 350 милиони евра. Доколку се се одвива според планираното се очекува примарниот гасоводен систем да биде готов до 2020 година.