Одбележан Денот на НАТО 4 април
НАТО не е само збир на воени сили, туку и семејство кое споделува заеднички вредности и желба да се заштитат тие вредности. Алијансата се заснова на принципите на слобода, демократија и владеење на правото, а земјите аспиранти мора да ги исполнуваат овие критериуми. Современите предизвици, како тероризмот и мигрантската криза, бараат зголемена соработка, но и адаптирање на новите околности за успешно справување со таквите предизвици.
Ова се дел од ставовите на денешните дискутанти, на одбележувањето на Денот на НАТО – 4 април, што денеска во организација на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија, а во соработка со македонското Министерство за одбрана, НАТО контакт амбасадите во Македонија и НАТО канцеларијата се одржа во Скопје.
Министерот за одбрана Зоран Јолевски истакна дека евроатланската интеграција за Македонија останува врвен приоритет. Членството во НАТО, рече, е гарант за просперитетот и безбедноста и за Македонија, но и за земјите во регионот пошироко, и оти заради тоа е потребно Алијансата да продолжи да води политика на отворени врати.
- Северноатлантската алијанса денес е многу важна во зачувувањето на светскиот мир, унапредувањето на односите меѓу народите, спречувањето на војните, унапредувањето на човековите права и севкупниот развој на државите, истакна министерот.
Тој се осврна и на реформските процеси и модернизацијата низ кои поминува АРМ и притоа истакна дека на таков начин е изградена Армија достојна за почит, подготвена во секое време да ги исполни своите уставни функции и рамноправно се носи со сојузниците во меѓународните мировни мисии.
- Македонија и во иднина ќе делува конструктивно и ќе ги презема неопходните чекори за заштита на националната безбедност и безбедноста во регионот и пошироко. Убеден сум дека нашите напори ќе бидат правилно вреднувани и дека Република Македонија ќе го добие одамна заслуженото место како полноправен член на Алијансата, со што земјите-членки ќе го демонстрираат својот сериозен пристап кон безбедноста во регионот, рече министерот Јолевски.
На одбележувањето на Денот на НАТО се обрати и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли.
- Вратите на НАТО остануваат отворени за европските нации кои се подготвени да ги прифатат заложбите и обврските од членството и да придонесат за безбедноста во евроатланскиот регион, рече Бејли.
Како потврда на таквата политика на отворени врати, тој посочи на неодамнешното гласање во американскиот Сенат за ратификација на одлуката за прием на Црна Гора во НАТО.
Во Македонија, додаде, продолжуваме да ги поддржуваме македонските цели за членство во НАТО.
- За да се исполни таа цел, потребно е да се знае дека НАТО не е само збир воени сили, туку дека НАТО е семејство кое споделува заеднички вредности и желба да се заштитат тие вредности исто толку како и луѓето и териториите, рече Бејли.
Во таа насока, потенцира, потребно е брзо формирање влада која ќе се посвети на реформиските процеси и исполнување на критериумите.
Исмет Рамадани, претседател на Евроатланскиот совет на Македонија, истакна дека Македонија треба да остане на патот на евроатланските интеграции.
- Доколку ги реафирмираме евроатланските вредности, не им даваме простор на антивредностите, рече Рамадани.
Настанот има за цел промоција на историјата, вредностите и целите на Алијансата, како и истакнување на значењето на евроатлантските интеграции за Република Македонија.
На одбележувањето на Денот на НАТО се обратија и амбасадорите на Хрватска и Шпанија, Данијела Баришиќ и Рамон Абароа Каранза, како и на раководителот на НАТО Канцеларијата во Скопје, Горазд Бартол.
Денот на НАТО е настан кој традиционално се одбележува во сите земји-членки на Алијансата, како и во земјите-партнери. На овој ден во 1949 година, 12 земји во Вашингтон (САД) го потпишале Договорот со кој се конституирала Северноатлантската алијанса.