Честитка од премиерот Емил Димитриев по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите

Почитувани сограѓани и припадници на Влашката етничка заедница во Република Македонија,

Дозволете ми во името на Владата на Република Македонија и во свое лично име, да Ви упатам најискрени честитки по повод 23 Мај - Националниот ден на Власите и да Ви посакам многу здравје, успех и благосостојба во Вашите семејства.

Почитувањето на најбитните празници и идентитетски обележја на етничките заедници во нашата земја е една од најсуштинските традиции која беше негувана и силно поткрепена од Владата на Република Македонија во изминатите години. Таквата традиција на почитување мораме да ја развиваме како една од најзначајните симболи на нашето мултинационално општество и основно врзивно ткиво помеѓу граѓаните. Во тој дух, чест ми е да Ви го честитам Националниот ден на Власите кој уште од далечната 1905 година е симбол на самоидентификација на Влашката заедница.

Власите како во минатото, така и денес имаат значаен општествен и културен придонес за современата македонска држава и учествуваат во процесите на нејзиниот развој. Влашките идентитетски белези се значаен дел од македонскиот мултиетнички колорит и вредносно го збогатуваат македонското општество, а Република Македонија со гордост го прославува Националниот ден на Власите.

Честитајќи Ви го денешниот празник, дозволете ми да го изразам своето уверување дека со заеднички напори ќе продолжиме да работиме во интерес на Република Македонија, во интерес на подобар живот на нашите граѓани и напредок во секоја област од значење за државата. Испраќајќи Ви најискрени честитки, Ви посакувам добро празнично расположение, многу радост и бериќет во Вашите семејства.

Нека Ви е честит и за многу години 23 Мај - Националниот ден на Власите!

Со почит,

 

Емил Димитриев

Претседател на Владата на Република Македонија