Заев ја презеде премиерската функција
Новиот премиер Зоран Заев денеска во Владата на Република Македонија ја презеде функцијата од Емил Димитриев. Заев беше придружуван од неколку членови од новиот владин кабинет.
- На чинот на примопредавањето на премиерскиот кабинет со техничкиот премиер во заминување Емил Димитриев разговаравме за сите неопходни детали што треба да ги знам согласно целиот протокол како што пропишуваат уредбите, изјави Заев по примопредавањето.
Додаде дека бил информиран за салите за состаноци, за помошните простории и за сето она што значи работен амбиент на премиерот.
- Бев запознат со состојбата во државата, секако таа не е сјајна, но не е и драматична, така беше пренесено. Ние кога ќе ги направиме увидите веднаш ќе ги соопштиме на граѓаните. Драго ми е што на еден ваков пријателски начин се направи примопредавањето, кое испраќа исто така позитивна порака за граѓаните дека без разлика на политичките околности, нашите политички позиции и некогаш спротивставени со политичките опоненти, сепак на сите им е јасно дека ќе си требаме еден со друг заради граѓаните, заради државата, заради реформите и за сето она што е интерес за граѓаните, истакна Заев.
Упатувајќи честитки до цела Македонија за новата Влада, Заев порача од политичарите мудро да ја водат државата исклучиво во интерес на граѓаните.
Претходно, членовите на Владата на Република Македонија беа примени од претседателот Ѓорге Иванов.
Во текот на денот се вршат примопредавања на функциите во повеќе министерства.