Арифи: Пресудата од Хаг поттик за дијалог кој треба да води кон заедничко решение
Македонија бележи напредок во однос на исполнувањето на обврските околу постигнување на европските стандарди, но не очекува и доста сериозна работа. Пресудата од Хаг треба да биде поттик за решение на спорот за името, а дијалогот на соседите треба да води кон спогодба, рече Теута Арифи вицепремиерот за европски прашања на денешната заедничка седница на Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања, на која ги презентираше постигнувањата од акциските планови за хармонизација на домашното со законодавството на ЕУ за 2011 година.
Според неа, се работи на исполнување на сугестиите од ОБСЕ/ОДИХР во однос на унапредување на изборниот процес, напредок е забележан во исполнување на Охридскиот договор во однос на употребата на јазиците на немнозинските заедници, правичната застапеност и на децентрализацијата. Клучни прашања на кои треба да се работи, додаде, се продолжување на реформите во судството и јавната администрација.
- Оваа календарска година беше успешна година имајќи го предвид фактот на приемот на високо ниво и разговорите со ЕУ, разговорите со земјите членки на ЕУ каде би ја издвоила Шведска и Финска, како и заокружувањето со средбите во Вашингтон каде добивме порака дека се цени нашата политика и оти истовремено се бара конструктивност што се однесува на двостраниот проблем за името, рече Арифи осврнувајќи се на соработката со меѓународните партнери.
Таа со став дека треба да бидеме задоволни од одлуката на Хашкиот суд, но во исто време да го имаме предвид и фактот дека се работи за политичко прашање кое што е доста чувствително и за кое што се бара и желба и политичка волја која што треба да биде обострана за да се надмине овој проблем.
- Задоволни сме од оваа одлука на Хашкиот суд, која треба да биде мотив за двете страни да се движат кон едно заедничко решение. Дијалогот на соседите треба да води кон спогодба, а не кон недоразбирање, рече Арифи.