Шекеринска на состанок на Северноатлантскиот Совет: Македонија со континуирана поддршка на мисиите на НАТО, полноправното членство е клучна гаранција за стабилноста на регионот

Министерката за одбрана на Република Македонија Радмила Шекеринска вечерва се обрати на состанокот на Северноатлантскиот Совет на НАТО, на кој учествуваат 39 министри за одбрана на земји членки на НАТО и земји кои имаат учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

„Република Македонија од 2002 година дава континуиран придонес кон безбедноста на Авганистан, преку учеството на повеќе од 2.700 лица воен персонал во ИСАФ мисијата, а од 1 јануари 2015 и во мисијата „Одлучна поддршка“. Во овој момент мојата земја има распоредено 39 лица воен персонал во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан, односно штабен персонал, единица за заштита на сили, инструктори и експерти за обука и советување во Регионалните команди во Кабул и Север“, рече Шекеринска и ги поздрави долготрајните напори на НАТО и партнерите за безбедноста на Авганистан.

„Македонија за жал помина низ пролонгирана политичка криза која нè доведе до работ на насилен внатрешен конфликт. Дојдовме до границата дали ќе ги развиеме демократијата и стабилноста или ќе ги загубиме и двете“, истакна министерката.

Шекеринска на состанокот рече дека Македонија со своето учество во меѓународните операции со години докажува дека е одговорен член на меѓународната заедница, подготвена да ги преземе обврските и одговорностите кои произлегуваат од членство во Алијансата. „Полноправното членство во алијансата, подобро порано отколку подоцна, е наш приоритет и претставува клучна гаранција за зачувување на регионалната безбедност, стабилност и развој во амбиент на новите безбедносни ризици“, рече Шекеринска.

Во фокусот на дискусијата на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО беше безбедносната состојба во Авганистан и иднината на мисијата „Одлучна поддршка“, во согласност со одлуката на шефовите на држави и влади на земјите членки на НАТО од 25 мај, мисијата „Одлучна поддршка“ да продолжи и по 2018 година.

Посетата на Брисел министерката за одбрана на Република Македонија ја искористи за повеќе билатерални средби со своите колеги – таа се сретна со министрите за одбрана на Италија, Норвешка, Турција, Франција, Австрија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија, БиХ. Шекеринска се сретна и со директорот за одбранбено планирање во НАТО, Пол Северо, потоа со претседавачот на воениот комитет на НАТО, генералот Петр Павел и со командантот на сојузничките сили на НАТО за Европа, генерал Мајкл Скапароти.

Извор: Министерство за одбрана