Средба на вицепремиерот Анѓушев со Директорката за Континентална Европа во Француското Министерство за Европа и надворешни работи Манжан и амбасадорот на Француската Република Тимоние
Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, оствари средба со Директорката за Континентална Европа во Француското министерство за Европа и надворешни работи Н.Е. г-ѓа Флоранс Манжан и Амбасадорот на Француската Република Н.Е. г. Кристијан Тимоние.
Вицепремиерот Анѓушев искрено се заблагодари на поддршката од страна на Француската Република во однос на интеграцијата на Република Македонија во Европската Унија, особено за активностите кои се одвиваат во рамките на Берлински процес. Подршката обврзува, а задача на Владата е креирање на законски решенија со кои ќе се усогласиме со Европската легислатива и ќе направиме чекор напред кон целосна интеграција на земјата во европското семејство.
„Економијата е во фокусот на Владата на Република Македонија. Ќе работиме на создавање на реална, а не на политичка економија. Економскиот раст и развој ќе се фокусира на поддршка на развојот на домашните компании и стимулирање на извозот, привлекување на реномирани и успешни странски инвеститори кои во поголема мерка ќе соработуваат со домашни компании, капитални инвестиции во инфраструктурата, реформи во енергетскиот сектор, како и реформи во образовниот систем со кои ќе се продуцира квалитетен кадар за потребите на компаниите“, истакна Вицепремиерот.
Тој дополни дека она што е неопходно и итно во овој момент, поради многу слабите оценки од Енергетската заедница, е имплементација на третиот пакет енергетски мерки на Европската Унија во новиот закон за енергетика. Реформите во енергетскиот сектор ќе продонесат и за повисоко ниво на искористување на природните ресурси за обновливи извори на енергија.
Директорката за Континентална Европа во Француското Министерство за Европа и надворешни работи, Флоранс Манжан, истакна дека е импресионирана од плановите и ентузијазмот на Владата за влез во Европската Унија. Потенцираше дека во Владата на Република Македонија гледа добар партнер на Франција, а со себе ќе понесе порака дека сите француски компании се добродојдени, особено оние кои планираат инвестиции во обновливи извори за енергија, како и компаниите кои веќе имаат соработка со македонски фирми.
Колку повеќе се подобруваат условите за водење на бизнис, толку се поголеми можностите реномирани француски компании да се јавуваат како инвеститори во Македонија, а со тоа да се зголеми економската соработка помеѓу двете земји, порачаа Манжан и Тимоние.
На денешната средба, стана збор и за состанок помеѓу вицепремиерот Анѓушев и францускиот државен секретар за економија и финансии г. Бенжамин Гриво (Benjamin Griveaux), која би се одржала на маргините на Самитот за Западен Балкан во Трст на 12 јули 2017 година, а ќе претставува продолжение на соработката во економската сфера.