Попоски: Засилени дипломатски активности на политички и економски план во 2012 година
Наредната година ќе биде исклучително интензивна година на дипломатски план со голем број активности и агнажирање на целата дипломатска мрежа, најави министерот за надворешни работи Никола Попоски кој денеска и утре претседава со Амбасадорскиот совет.
На амбасадорите им се дадени насоки, информира Попоски, за политичкото и економско делување со акцент на зголемување на активностите во однос на привлекување странски инвестиции. Тој потенцира дека исклучителна можност е отворена со добивањето на третиот последователен позитивен извештај на Европската комисија за напредокот на земјата и со пресудата од Хаг.
Одговарајќи на новинаско прашање во однос на спорот за името со Грција, шефот на македонската дипломатија ја подвлече конструктивната улога на Македонија во целиот досегашен процес.
- Република Македонија не дава никакви аргументи за неконструктивност во својот пристап. Тоа е нашата политика и огледало. Останува на Република Грција да го пресретне тоа и да пристапи со позитивистички став кој во преден план ќе ги стави стратешките интереси на целиот регион. Навистина е објективен фактор тоа што се соочуваат со сериозни економски предизвици на домашен план, но тоа во никој случај не смее да биде причина за избегнување на реализацијата на стратегиската цел на регионот, а тоа е интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО. Нашето дејствување и пристап по ова прашање е конструктивен со добри намери и со цел да оствариме додатна вредност за двете земји и за целиот регион. Треба да се избегне од концептот на игноирање на ваквиот наш став, подвлече Попоски.