Арифи-Санино: Интеграцијата на Македонија во ЕУ е заеднички стратешки интерес
Активностите на Република Македонија во однос на реформата во приоритетните области во процесот за пристапување кон ЕУ во 2012 година, судството, јавната администрација, борбата против организираниот криминал и корупцијата и прашањата во врска со слободата на медиумите, беа тема на денешната средба на вицепремиерот за европски прашања Теута Арифи со директорот на Директоратот за проширување на Европската комисија Стефано Санино.
- Останува силната и стратегиска ориентација кон побрзо интегрирање на Република Македонија во Европската унија. Веруваме дека ЕУ ќе продолжи да биде наш силен партнер и дека ќе покаже креативност во однос на наоѓање решение за забрзување на процесот на проширување и на членството на Македонија во Европската унија, изјави Арифи по средбата на која присуствувале министрите за внатрешни работи, за правда, за надворешни работи и за транспорт и врски, Гордана Јанкулоска, Блерим Беџети, Никола Попоски и Миле Јанакиески.
Санино од своја страна подвлече дека стратешка ориентација и на Европската унија е што е можна побрза и целосна интеграција на Македонија во Унијата. Тој потсети дека Европската комисија минатата година повторно препорача почнување на пристапните преговори.
- Се надеваме дека во 2012 година ќе завршиме што е можно повеќе работи, да затвориме што е можно повеќе прашања на дневниот ред, се со цел да обезбедиме што е можно побрзо пристапување на Република Македонија кон Европската унија, рече Санино.
Тој посочи дека заедно со Владата изготвен е Акцискиот план, односно утврдени се приоритетните активности што ќе се спроведуваат во следните неколку недели и месеци, дополнувајќи оти очекува успешна соработка за нивно спроведување.
- Ја почнувам посетата на регионот од Македонија и се надевам дека ќе се постигне поголем прогрес во однос на интеграцијата на Македонија во ЕУ оваа година, рече Санино.
Запрашана дали ЕУ-интеграцијата останува стратешки приоритет на Владата по изјавите на премиерот Никола Груевски кои не влеваат оптимизам, вицепремиерката Арифи нагласи оти нема дилеми во однос на овој процес.
- Најбитна и најзначајна ориентација се ЕУ-интеграциите. Тоа го докажуваме со нашите активности, посочи Арифи.
За очекувањата во однос на денешната средба во Њујорк на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите на двете земји за спорот со името, Јолевски и Василакис, Арифи вели оти е многу битно тој процес да заживее и да продолжи. Се додека има процес треба да се надеваме и на добри резултати, рече вицепремиерката Теута Арифи.