Интервју со министерот за надворешни работи Никола Попоски за МИА
Пресудата од Хаг која се оценува како најголем дипломатски успех за Република Македонија во 2011 година се очекува да има позитивни импликации врз евроатлантските интеграции на земјата. Со каква стратегија ќе настапи МНР за капитализирање на придобивките од Хаг?
- Епилогот од Хаг е судска констатација за деструктивно однесување на нашиот сосед во НАТО интеграциите. Мислам дека не е само наш успех. Голем успех е воедно и за меѓународното право. Имаме јасна потврда дека македонските очекувања за приклучување кон НАТО се попречени нелегално. Клучно е што така цени највисокото судско тело на ОН. Тој факт е крупна придобивка за евоатлантските интеграции во нашиот регион. Долго време Балканот пател од непредвидливост и неодговорност во носењето на одлуки. Во интерес на целиот регион е да излеземе од таквиот концепт.
Во поглед на стратегијата, нашите цели пред и по Хаг се непроменети. Денес, сепак гледаме повеќе придобивки. Прво, од аспект на НАТО, ќе можеме да реафирмираме заедно, земји членки и кандидати, дека владеењето на правото ни е вредност која ја делиме. Второ, ни се отвара прилика да ја одбегнеме замката на "политичка балканизација" во ЕУ процесот на проширување. Трето, за грчкото водство се отвора одлична прилика да се излезе од традиционалната улога на автор на заложнички драми, прераснувајќи во еден регионален промотор на конструктивност, потенцирам на дела, а не на зборови. На тој начин ќе потврдиме дека од двете страни на границата гледаме на Европа како на заеднички дом. Нашата стратегија тука е чисто европска. Во Европа, се обединуваат луѓе во интерес на заеднички мир, стабилност и економски просперитет. Заложништвото и уцената врз соседот како концепт не можат да се вклопат најдобро низ европска призма.
Како го оценувате однесувањето на Грција по пресдудата во Хаг и одбивањето средби од страна на грчки високи претставници покренати од премиерот Никола Груевски?
- Не би можел да најдам некое разумо објаснување. На Грчката влада и е укажано дека има прекршено меѓународно правна рамка за да ги попречи легитимните аспирации на Македонија кон членство во НАТО. Ваква констатација произлегува од највисок меѓународен судски орган. За одговорна Влада или личност, тоа би требало да влијае во правец на конструктивност и корекција на грешката. Интерес на целиот регион е стабилна, просперитетна и евроатлантски интегрирана Македонија. Нашите соседи треба да работат во овој правец. Не е корисно да трошат енергија во барање на изговори, одбегнувања и саботажи на интеграцискиот процес.
Европски и американски политичари сугерираат заедничко поголемо залагање на Брисел и Вашингтон за конечно решавање на спорот за името. Колку се реални залагањата на Македонија за одвојување на евроинтеграцискиот процес од процесот за решавање на името?
- Секогаш билатерални разлики биле надминувани додека европското интегрирање се одвивало. Така било во седумдесетите години кога прв пат се проширувала тогашната Европска Заедница. Така било и со најголемиот бран на проширување на Унијата во 2004. Така е и со најсвежото проширување кое ќе се ефектуира во 2013. Оваа пракса по прв пат Грција пројавила волја да ја наруши со уцена врз почеток на преговорите со Македонија. Не е корисно да се прават исклучоци, особено не кога мотивот на една земја членка е непринципиелен и уште повеќе нелегален. Инаку и ние сме за солидарност. Еден ден и ние ќе бидеме членка на ЕУ. Таа солидатност во духот на "основачите на модерна Европа" (Моне, Шуман...) мора да биде за заедничка повисока цел. Таа никако не смее да биде за да се наштети на заедничкиот интерес. Со тековната грчка блокада се прави токму второто. Не се придонесува кон стабилен и просперитетен Балкан во европски рамки.
Што се однесува до првиот дел од прашањето, поттик за излез од блокирачкиот менталитет е секако добредојден. Не може сепак да игнорираме дека до Атина на дневно ниво се упатуваат очекувања да почне да почитува обврски. Најголем дел од упатените очекувања имаат последици врз кредибилитетот на еврото. Во такво друштво на очекувања, интересот и мотивот за вразумување во поглед на нас, неможе да се види како приоритет. Лично, посакувам да видам придвижување кон задничките цели и од нашите јужни соседи. Тоа би било крупен успех и за нашите стратегиски интереси.
Со оглед на редовната комуникација со посредникот на ОН во спорот за името Метју Нимиц кои се очекувањата од неговата нова иницијатива за средба со страните во спорот?
- Добро е да го почитуваме принципиелниот став да му оставиме простор да го извршува својот мандат. Секако неблагодарно е да прејудицираме и креираме очекувања. Од аспект на резултати, мотивираноста и посветеноста од грчка страна не се фактор што особено охрабрува. Првичните пораки на сегашната Влада во Атина се на неприоритетност и незаинтересираност за целисходен дијалог со Македонија. Повеќе енергија беше потрошена во поставување барикади, опструкции и одбегнувања на суштински разговори отколку во решение. Од наша страна, посакуваме тоа да се промени час поскоро.
Кои се проектите од приоритет за МНР во 2012 година на билатерален и мултилатерален план?
- Најголем дел од проекти и активности ни се подредени на стратешките определби, НАТО и ЕУ членство. Сепак, посебен акцент ќе ставиме на соработката во нашиот регион. Годинава го превземаме претседавањето со Процесот за соработка во ЈИЕ, најстарата регионална иницијатива. Цениме дека практичната соработка во регионот може значително да ја подобриме. Тоа најмногу зависи од нас самите. Во рамки на ОБСЕ ќе претседаваме со Форумот за безбедносна соработка, кој заедно со Постојаниот совет се единствени формати каде се носат одлуки и има тежина во безбедносната сфера за 56-те земји членки. Доста значајно ќе ни биде годинава и членството во Извршното тело на УНЕСКО. По прв пат во својата историја Република Македонија ќе биде дел од најзначајниот орган во оваа клучна институција од системот на Обединетите Нации. На билатерален план, економската соработка ќе ни биде исклучително важна, а ќе целиме и кон поголема присутност и видливост на Македонија глобално.
Дали Македонија доволно ја користи јавната дипломатија во служба на промовирање на сопствените национални интереси?
- Изминатиов период добивме значително внимание во светската јавност. Од една страна, активностите за запознавање со економските поволности да се инвестира во РМ се прилично интензивни. Од друга пак, невообичаените препреки со кои се соочуваме на патот на евроатлантските интеграции креираат потреба за информирање и во јавноста надвор. Судската разврска во Хаг наметна дополнителна потреба. Со повеќе настапи во изминативе месеци, на водечки светски медиуми и во најреномирани тинк-танк-ови, мислам дека се подигна нивото на информираност за македонските аргументи кај повеќе интересни групи. Дополнително, ќе се работи на културната промоција. Во овој сегмент има многу што да понудиме и на јавноста надвор од Македонија. Во образовен контекст сметам дека може да го зголемиме присуството надвор, меѓудругото и со поактивно претставување на Македонија во академски средини. Мали земји, особено во услови на покрупни економски кризи, е прилично тешко да добијат простор во јавната глобана сфера доколку не се работи за исклучителни конфликти. Сепак, Македонија има приказна во многу домени која неретко фасцинира и сигурно не остава никого рамнодушен. Тука ја гледам можноста да бидеме поактивни во иднина.
Какви се искуствата од именувањето почесни конзули и дали нивните капацитети се доволно искористени?
- За мала земја со ограничени ресурси почесните конзули можат да имаат доста значајна улога. Со една таква визија, спроведовме анализа за досегашниот индивидуален учинок на почесните конзули. Од согледувањата има повеќе заклучоци за тоа како попрактично да се дејствува во иднина. Воведуваме пристап за систематско тримесечно следење на активностите и зголемување на можностите за заедничка промоција на земјата надвор. Пред самиот почеток од годинава именувавме нова група на почесни конзули, кои се пред се видни бизнисмени во државите каде живеат. Оваа година ќе ги ставиме и нив во погон за да го динамизираме овој потенцијал за промовирање на Република Македонија.
Дали е доволно екипирана дипломатската мрежа на државата, односно кои се правците на инвестирање и развој на дипломатската служба за нов квалитативен исчекор?
- Дипломатија е по дефиниција "скап спорт". Нам секако дека ни е потребно инвестирање и тоа во повеќе правци. Сепак, факт е дека ресурсите се ограничени во сите дејности. Од државен аспект, неможам да кажам дека треба да скратиме на здравство или образование за да имаме повеќе инвестиции за дипломатијата. Тоа пак што е покажано низ праксата е дека нема стриктна корелација помеѓу расположливи средства и активност или резултати од дипломатско-конзуларните претставништва. Од досегашните набљудувања произлегува дека мотивираноста, креативноста и посветеноста на работата се попресудни за потрајни резултати. Клучен останува човечкиот фактор. Во изминатите две децении позначајна одлика беше потребното проширување на дипломатската мрежа. Мислам дека во следната деценија фокусот треба да биде и на модернизирање на функционирањето, во согласност со трендовите во останатите европски земји, особено помалите. Негувањето на култура на модерни, динамични, адаптибилни и тимски ориентирани дипломати и нивна континуирана професионална надградба ќе биде стратегиски значајна. Во тој правец мислам дека треба да се развиваме.
Извор: „МИА“
Новинар: Виолета Ангеловска