Македонија прва во регионот според Индексот на економски слободи на “The Wall Street Journal“ и “The Heritage Foundation“
Македонија е лидер во регионот според Индексот на економски слободи за 2012 година, според извештајот од “The Wall Street Journal“ и “The Heritage Foundation“.
Македонија со 68,5 од можни 100 поени се наоѓа на 43 место на ранг листата пред Албанија на 57 место, Бугарија е на 61, Словенија 69, Црна Гора 72, Хрватска 83, Србија на 98 место,... Најмалку економски слободи во регионот има Грција која се наоѓа на 119. место на листата. Најголеми економски слободи имаат Хонг Конг, Сингапур, Австралија, Нов Зеланд и Швајцарија, а најмали Северна Кореја, Зимбабве и Куба.
- Минатата година Македонија беше рангирана на 55 место, а во најновиот извештај е на 43. со што станува најдобро рангирана земја во делот на економските слободи во регионот. Ваквиот индекс не значи дека работите револуционерно се менуваат, но е индикација дека економските реформи и сите чекори што ги презема Владата во делот на подобрување на бизнис климата добиваат уште една верификација од меѓународните финансиски институции, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Најголем прогрес во минатат година, нагласи, Македонија забележа во делот на слобода на бизнисот каде сме рангирани на 35 место на светско ниво што е скок од цели 60 места во однос на лани.
- Имаме напредок и во слободата на корупцијата. Остануваме високо рангирани во делот на монетарната и фискална слобода, во делот на слобода на трудот, слобода на бизнисот и финансиска слобода, рече Пешевски.
Вицепремеиерот за економски прашања потенцира дека Владата и понатаму ќе продолжи со реформите и оти во следните 20-тина дена ќе има уште еден пакет реформи во делот на подобрување на конкурентноста на економијата. Очекува позитивниот тренд во делот на создавање на бизнис климата да продолжи и годинава.
Според Индексот на економски слободи прв пат Македонија била рангирана во 2002 година и оттогаш напреднала за 10,5 поени. Во Извештајот се наведува дека за разлика од минатата година индексот во Македонија се зголемил за 2,5 поени и бил постигнат успех во шест од вкупно десет критериуми за економските слободи.