МНР: Последната рунда разговори за името во Њујорк без резултати
Последната рунда разговори меѓу посредникот на Обединетите нации Метју Нимиц за решавање на спорот со името меѓу Македонија и Грција и претставниците на двете земји амбасадорите Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис не покажа конкретно придвижување кон решение, соопшти Министерството за надворешни работи.
- Во тој контекст, жалиме што не дојде ниту до заедничка средба меѓу двете страни. Посакуваме да надвладее духот на конструктивен дијалог и соработка како единствен начин на надминување на разликата. Република Македонија останува цврсто посветена за максимално динамизирање на дијалогот на сите можни нивоа и изнаоѓање решение за овој билатерален спор, се вели во соопштението од МНР.
Амбасадорот Зоран Јолевски вчера и завчера во Њујорк имаше средби со посредникот Нимиц, на кои се разговараше за постигнување напредок во решавањето на разликите околу името.
- Овие разговори, организирани во канцеларијата на пратеникот на ОН, се одржаа во согласност со Времената спогодба од 1995 година, според која двете држави се согласиле да ги продолжат преговорите под покровителство на ОН, а со цел постигнување договор за разликата околу името. Оваа средба исто така претставуваше можност за разговори првпат по историската одлука на Меѓународниот суд на правдата (МСП) од 5 декември 2011 година, во случајот кој го покрена Република Македонија. МСП утврди дека Грција, противејќи се на пристапувањето на нејзиниот сосед во НАТО, ја прекршила Времената спогодба.