Во рамки на посетата на Република Бугарија, во предвечерјето на Самитот ЕУ-Западен Балкан, министерот за економија Крешник Бектеши оствари работна средба со министерката за туризам на Република Бугарија Николина Ангелова. Министерот Бектеши го изрази задоволството од континуираниот пораст на бројот на бугарски туристи во Македонија, наведувајќи го податокот дека во 2017 годинаречиси 50 илјади посетители од Бугарија ја посетиле Македонија, при што се остварени околу 80 илјади ноќевања. Имено, според статистичките податоци што ги презентираше Бектеши, бројот на бугарските туристи што ја посетиле Република Македонија во 2017 година во однос на истиот период од претходната година се зголемил за 24%, а исто толку и бројот на ноќевања во овој период, додека во интервалот јануари-март 2018 година Македонија ја посетиле околу 10 илјади бугарски гости, кои оствариле 14 илјади ноќевања во нашата земја, што претставува зголемување за 21%, односно 14% во однос на истиот период минатата година.
Министерката Ангелова, пак, изрази задовлство што во зимската сезона македонските туристи со задоволство ги избираат бугарските скијачки центри, што покажува дека туристите од двете земји имаат слични вкусови за содржините на туристичката понуда и наоѓаат за нив атрактивни тури во соседството, а потпишаниот Протокол за намери за соработка во областа на туризмот меѓу владите на Република Македонија и Република Бугарија минатата есен, веќе ги дава своите ефекти за јакнење на соработката во областа на туризмот, како сектор со висок потенцијал, за придонес кон севкупниот економски развој во двете земји.
Бектеши и Ангелова се согласија дека за привлекување на туристи од далечните пазари е неопходно создавање на регионална туристичка рута, а за таа цел веќе е формирана работна група од двете земји, која до оваа есен треба да изготви предлог на заедничка туристичка понуда, која би можела да опфати и други земји од регионот кај кои има интерес, со што на светскиот турист на мало растојание ќе му бидат понудени различни атрактивни содржини. Министерот Бектеши изрази подготвеност оваа иницијатива и официјално да ја сподели со другите колеги од регионот, а беше предложено наредниот период да се организираат средби на двете страни со претставници на локалната самоуправа од туристичките места, туроператорите, хотелиерите и нискобуџетните авиопревозници, со цел вклучување на туристичкиот сектор во дефинирање на заедничките активности за настап на далечни туристички пазари.
Министерката Ангелкова предложи да се разгледа и можноста за заедничко аплицирање за ИПА проекти за меѓугранична соработка, особено во делот на туризмот и инфраструктурата, со што ќе биде олеснет и пристапот за инвестиции во регионот, што е одличен начин за планско и здружено решавање на предизвиците што значат економски развој за двете земји.
Министерот Бектеши истакна дека заложбите на македонската Влада се брза реализација на железничката линија кон Бугарија од македонска страна, но и потребата од забрзување на изградбата на патот Куманово-Крива Паланка, што покажува дека инфраструктурата, како основа за брз проток на туристи, претставува приоритет на владините политики.