Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, учествуваа на работна средба со амбасадорите на земјите - членки на Европската Унија во Македонија, организирана од страна на амбасадорот на Република Бугарија во земјава, Иван Великов Петков. Тема на состанокот беа политичките состојби околу евроинтегративните процеси во Република Македонија, а во контекст на пораките и заклучоците од софискиот Самит посветен на Западниот Балкан.
„Владата на Бугарија, Премиерот Бојко Борисов, и воопшто бугарската држава, ги заслужуваат сите честитки за успехот на софискиот Самит, но и за севкупните напори кои изминатиов период резултираа со целосна актуализација на процесот на проширување на Западниот Балкан во рамките на Европската Унија.“ - изјави Османи на почеток од средбата, упатувајќи директни пораки на благодарност до домаќинот, амбасадорот на Бугарија, Иван Великов Петков. Османи додаде дека Република Македонија, изминатава година, во целост беше посветена на евроатлантската агенда, успешно имплементирајќи го притоа Планот 3-6-9, со што повторно се врати довербата како на граѓаните, така и на меѓународните партнери во европската перспектива на земјата.
„Нашиот фокус останува реформската агенда, и наскоро излегуваме со нов План 18, со кој ќе ги адресираме сите потребни реформи кои произлегуваат од Извештајот на Комисијата, водечките иницијативи на Стратегијата, заклучоците од софискиот самит, но и сите останати релевантни извештаи кои се во насока на евроатланските процеси“, изјави Османи, додавајќи дека Македонија на дело ја демонстрираше својата сериозност и зрелост која очекува да резултира со одлука на Европскиот Совет во јуни за почеток на пристапните преговори, како и покана за НАТО, подоцна на Самитот во јули.
Во сличен контекст пред амбасадорите свое обраќање имаше и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. „Следните недели се од особена важност за Евро-интегративните перспективи на Македонија. Се наоѓаме пред одлучувачки момент кој траба да ја признае способноста на земјата да се справи со најголемата политичко-чувствителна ситуација во последните 15 години. Дополнително, постои јасна потреба да се демонстрира сојузништво и заеднички да се построиме во вистинскиот правец“, изјави МНР Димитров, потенцирајќи дека дојдено е времето Република Македонија заслужно да го започне европското патување со цел, од една страна, да се трансформира во силна европска демократија и да се натпреварува во реформите и во економијата со останатите земји; а од друга страна, заедно со своите партнери да се борат во справување со домашните и глобалните безбедносни предизвици.
Во продолжение министерот Никола Димитров се осврна на придобивките од одржувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, и ја поздрави намерата на Хрватска да биде домаќин на следниот Самит во ваков состав за време на претседавањето со Советот на ЕУ во 2020. Демонстрираното единство на лидерите од земјите членки во ЕУ и лидерите од земјите од Западен Балкан, уште еднаш ги потврди перспективите на регионот. МНР Димитров повика силните пораки за поддршка да се стават во пракса: „Република Македонија демонстрираше искрен пристап и сериозност за која е потребна соодветна валоризација на јунскиот состанок на европскиот совет преку одлука за почеток на преговори, како и покана за членство во НАТО на самитот во јули“.