Министерот за култура Асаф Адеми ја одржа својата прва прес-конференција

Министерот за култура, Асаф Адеми денеска одржа прес-конференција во Владата на Република Македонија, на која информираше за идните активности кои ова министерство ќе ги спроведе како и за сите спроведени активности во 2018-та година.

„Во изминатиот месец, остваривме повеќе работни средби со претставници на дипломатскиот кор, со кои разговараме за идните проекти кои ќе ги реализираме заеднички во наредниот период. 

Во делот на инвестициите, согласно поставената динамика, се реализираат повеќе санации, реконструкции и адаптации на повеќе постојни објекти на националните установи низ Македонија. Буџетските средства за инвестициони работи за капиталните инвестиции за 2018 година изнесуваат 927.060.188,00 денари. Досега, процентот на реализација е 42%, a до крајот на буџетската година очекуваме истиот да достигне 90% од предвидените капитални проекти.“ – рече министерот Адеми.

Во своето обраќање министерот Адеми истакна дека: „ Состојбата во врска со реализацијата на 5 проекти за издавање на книги, од кои за 4 проекти во изминатиот период е доставена уредна документација за 83 книги, но од март/април 2017 година од страна на Министерството за култура не е направен прием на ниту една книга. Причината за недоставените примероци е дека Министерството во своја сопственост има 770.000 примероци од испечатените наслови од капиталните издавачки проекти започнати од претходната Влада. Во моментов, дел од испечатените примероци се сместени во подрумите на Министерството, но и во подрумите и други помошни простории на 5 национални институции од културата. Со цел решавање на оваа ситуација, првиот чекор е побрзо дистрибуирање на испечатените примероци во подрумите. Во оваа насока, наскоро ќе биде доставена Информација на Влада со нови предлог - решенија за овие наталожени проблеми, каде ќе се предложи промена на одлуката на листата на институциите кои треба да ги добијат примероците од книгите, и ќе се вклучат оние кои што во претходните години не добивале примероци“

Исто така министерот во своето обраќање нагласи дека ова е реформска влада, и Министерството за култура останувам посветено на реализација и исполнување на сите потребни реформи, согласно определбите на Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година и Акцискиот план за имплементација на Националната стратегија, усвоени во Собранието на РМ во мај оваа година. За таа цел се формирани 20 работни групи од надворешни стручни лица, при што за одделни суштински прашања за реформите во културата дел од нив веќе ја завршиле или ја привршуваат работата.

„Наша заложба и визија е Министерството за култура да им припаѓа на граѓаните, да ги исполни нивните очекувања и потреби и да им служи на културните институции и културните работници во земјата. 

Во таа насока, нашето залагање ќе биде, пред сѐ, за градење интеркултурно општество, за афирмација на автохтоните културни вредности, за културни проекти без никаква негативна селекција, за поддршка на веќе постоечките културни активности, како и за градење на други, кои ќе опстојат и по нашето заминување од ова министерство, а ќе бидат сведоштво за нашиот пристап за „култура подеднакво за сите“.“ – истакна министерот Адеми во своето обраќање.


Интегрално обраќање на министерот за култура Асаф Адеми на прес-конференцијата која се одржа денеска во Владата на Република Македонија

Почитувани новинари, почитувани граѓани,

Во духот на транспарентностa во комуникацијата со јавноста, дозволете ми да го изразам моето големо задоволство што денеска можеме да се сретнеме и да ве информирам за моите планови и визии за наредниот период.

Најпрвин, би сакал да информирам дека во изминатиот месец имав интензивни средби со вработените на сите нивоа. Од моето назначување бев домаќин на повеќе работни средби со директори на национални установи и институции од областа на културата, а присуствував и на повеќе значајни манифестации од областа на културата низ Македонија. Во изминатиот месец, остваривме повеќе работни средби со претставници на дипломатскиот кор, со кои разговараме за идните проекти кои ќе ги реализираме заеднички во наредниот период. 

Во делот на инвестициите, согласно поставената динамика, се реализираат повеќе санации, реконструкции и адаптации на повеќе постојни објекти на националните установи низ Македонија. Буџетските средства за инвестициони работи за капиталните инвестиции за 2018 година изнесуваат 927.060.188,00 денари. Досега, процентот на реализација е 42%, a до крајот на буџетската година очекуваме истиот да достигне 90% од предвидените капитални проекти. 

Во однос на нормативно-правните работи и авторското право и сродните права, започнати се повеќе законски измени, а треба да се завршат и повеќе приоритетни активности што произлегуваат од Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018-2022 година. За таа цел, интензивно се работи на колективниот договор за културата, на нацрт-законот за јавниот интерес во културата, на нацрт-предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за авторското право и сродните права и на Законот за заштита на културно наследство. Исто така, продолжуваме со активности за децентрализацијата во културата, која е еден од приоритетите во Националната стратегија 2018-2022 година. 

Во меѓународната соработка, се одвиваат низа активности за соработка со повеќе земји и партнери од регионот и, пошироко, од светот. Се формираше Координативен центар за соработка со земјите од Централна и Источна Европа и Народна Република Кина (16+1), иницијатива на земјите од ЈИЕ и Кина, чиј 4-ти Форум, со согласност на сите земји-членки е договорено да се одржи следната година во Македонија.

Во изминатиот период беше направен и изборот на добитниците на наградата „Мајка Тереза“, а Одборите избрани во Собранието на РМ работат на избор на добитници на наградите „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“. 

Треба да ја напоменам  и состојбата во врска со реализацијата на 5 проекти за издавање на книги, од кои за 4 проекти во изминатиот период е доставена уредна документација за 83 книги, но од март/април 2017 година од страна на Министерството за култура не е направен прием на ниту една книга. Причината за недоставените примероци е дека Министерството во своја сопственост има 770.000 примероци од испечатените наслови од капиталните издавачки проекти започнати од претходната Влада.

Во моментов, дел од испечатените примероци се сместени во подрумите на Министерството, но и во подрумите и други помошни простории на 5 национални институции од културата. Со цел решавање на оваа ситуација, првиот чекор е побрзо дистрибуирање на испечатените примероци во подрумите. Во оваа насока, наскоро ќе биде доставена Информација на Влада со нови предлог - решенија за овие наталожени проблеми, каде ќе се предложи промена на одлуката на листата на институциите кои треба да ги добијат примероците од книгите, и ќе се вклучат оние кои што во претходните години не добивале примероци.

Во однос на зачувување на статусот на Охрид, а согласно препораките на Центарот за светско наследство на УНЕСКО (Краков 2017 година), Националната комисија на УНЕСКО при Министерството за култура, во соработка со надлежните органи и институции, локалната самоуправа и невладиниот сектор, презема конкретни активности за исполнување на овие препораки.  Дел од реализираните активности се внесени во Извештајот за напредокот доставен до УНЕСКО на 13 февруари 2018 година. Дополнително, во тек е реализација на останатите активности како што е ревизија на Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион и подготовки за ревизија на Акцискиот план.

Вкупните обврски согласно сметководствената евиденција на Министерството за култура заклучно со 31.05.2018 година изнесуваат 1.375.344.089 денари. Почнувајќи од 4 јуни 2018, се доставени сите склучени договори по Годишната програма за нивно сметководствено евидентирање што претставува важен исчекор во реалното прикажување на финансиските обврски. Токму ова беше истакнато и во извештајот на Државниот завод за ревизија за работата на министерството за култура во 2016 година. 

Бидејќи ова е реформска влада, ние остануваме посветени на реализација и исполнување на сите потребни реформи, согласно определбите на Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија во периодот 2018 – 2022 година и Акцискиот план за имплементација на Националната стратегија, усвоени во Собранието на РМ во мај оваа година. За таа цел се формирани 20 работни групи од надворешни стручни лица, при што за одделни суштински прашања за реформите во културата дел од нив веќе ја завршиле или ја привршуваат работата.

Наша заложба и визија е Министерството за култура да им припаѓа на граѓаните, да ги исполни нивните очекувања и потреби и да им служи на културните институции и културните работници во земјата. 

Во таа насока, нашето залагање ќе биде, пред сѐ, за градење интеркултурно општество, за афирмација на автохтоните културни вредности, за културни проекти без никаква негативна селекција, за поддршка на веќе постоечките културни активности, како и за градење на други, кои ќе опстојат и по нашето заминување од ова министерство, а ќе бидат сведоштво за нашиот пристап за „култура подеднакво за сите“. 

На крајот, поаѓајќи од ваквите податоци и констатации, сметам дека тековните работи во Министерството за култура се одвиваат во нормален тек, се забележуваат и предизвици и тешкотии што се санирани или се санираат, додека нашата заложба е сите предвидени и усвоени проекти да се реализираат навреме, а за тоа и јавноста навремено и точно да ја информираме. Остануваме отворени за сите ваши прашања и забелешки, за секој вид на критика и сугестија, сѐ со цел културата во Република Македонија да биде на највисоко ниво на приоритети и успеси.