Владата на денешната редовна седница го прифати предлогот на министерството за образование и наука за поведување на постапка за водење на преговори за склучување на договор за заемно признавање на професионалните квалификации за доктори по медицина, стоматолози, архитекти и градежни инженери меѓу земјите од Западен Балкан.
Целта на договорот е да се зајакне регионалната трговија на услуги, врз основа на CEFTA протоколот 6 за Трговија со услуги со намалување и елиминирање на препреките за слободно движење на експерти и професионалци во регионот, но и согласно целите и приоритетите предвидени со Стратегијата за Југоисточна Европа 2020 и повеќегодишниот план за регионална економска зона, а со цел отстранување на препреките за признавање на професионалните квалификации. Договорот исто така би ја зголемил и мобилноста на професионалците, а ќе придонесе и за подобро спојување на вештините со потребите на пазарот на трудот и зголемена продуктивност.
На предлог на министерството за правда, Владата ги прифати предлог-законите за изменување и дополнување на законот за извршување и на законот за нотаријат. Главната цел на овие измени е намалување на трошоците на најсиромашните граѓани кои не можат да си ги платат сметките за комунални трошоци и кои земаат мали потрошувачки кредити.
Во постапките пред нотарите овие граѓани ќе бидат ослободени од судските такси и од надомест за клаузула за правосилност и извршност. Додека во постапката пред извршителите, според измените на законот, дури 16 ставки за кои досега граѓаните плаќаа одредена сума, со новата тарифа тие ќе бидат целосно бесплатни. Со предлог-законот за изменување и дополнување на законот за извршување, воедно се имплементираат стратешките приоритети на државата определени во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор, особено во правец на намалување на трошоците за граѓаните во сите постапки, вклучувајќи ја и прекршочната.
На редовната, 90-та седница, Владата на Република Македонија го задолжи министерството за внатрешни работи, како краен корисник на производите од компанијата „11 Октомври – Еурокомпозит“, Прилеп, да и исплати 6 милиони денари, со цел фирмата непречено да продолжи да работи.
Министрите денеска ја разгледаа и ја прифатија информацијата за програмата и приоритетите на Австриското претседателство со Советот на Европската Унија, со календар за одржувањето на неформалните министерски состаноци на Европската Унија. Владата ги задолжи ресорните министри доколку добијат покана за учество на неформалните министерски состаноци на ЕУ да учествуваат на истите, а по одржувањето на состаноците во рок од 15 дена да ги известат Владата на Република Македонија, Министерството за надворешни работи и Секретаријатот за европски прашања. Исто така, министерството за надворешни работи е задолжено да ги координира подготовките за учество на неформалните министерски состаноци на Европската Унија.
Инаку, за време на нејзиното претседателство, Австрија ќе се фокусира на безбедноста на Унијата (борбата против нелегалната миграција преку обезбедување на надворешните граници на Унијата), одржување на Европската конкурентност преку дигитализацијата и стабилноста во поблиското соседство на Австрија (интеграција во ЕУ на земјите од Западниот Балкан).
На седницата, Владата ја прифати информација за планирање на опремувањето и модернизацијата на армијата на Република Македонија во предлог буџетот на Министерството за одбрана за период 2019-2021. Приоритет во опремувањето и модернизацијата имаат декларираните сили за НАТО/ПзМ активности прифатени во рамките на НАТО Процесот на планирање и преглед (PARP), вклучително и Лесната пешадиска баталјонска група како најголема декларирана борбена единица со која Република Македонија придонесува во НАТО базенот на сили.