Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши, министерот за здравство д-р Венко Филипче и директорот на Дирекцијата на ТИР зоните, Александар Младеновски денеска присуствуваа на настан посветен на отпочнувањето на изградбата на фабриката на првата странска инвестиција со потекло од Република Албанија во ТИРЗ Скопје 1, Саген.
Станува збор за инвестиција од фармацевтската индустрија којашто ќе произведува инфузиони раствори и генерички лекови со најсофистицирана технологија за производство. Првичната инвестиција ќе изнесува 6.5 милиони евра и ќе отвори 53 нови работни места, а според бизнис планот на компанијата се очекува вкупната инвестиција да достигне 20 милиони евра со вкупен број на вработени од 300 лица.
„Сакам да ја споделам радоста со сите нас за овој историски момент којшто денеска се случува. Историски е, бидејќи ја зголемуваме лепезата на фармацевтски производи овде во Македонија како домашно производство преку странска инвестиција, второ историски е бидејќи имаме сериозен и докажан инвеститор којшто доаѓа од пријателска земја. Ние со Република Албанија сме големи пријатели, наш сосед со кој меѓусебно си помагаме во нашите интеграции и аспирации за економски напредок“, рече премиерот Заев во своето обраќање.
Премиерот Заев изрази благодарност до сопственикот Исуф Бербери за искажаната доверба и за одлуката да ја реализира инвестицијата која се очекува да достигне 20 милиони евра токму овде во Македонија.
„Сметајте и понатаму на нашата поддршка заради тоа што инвестицијата е во зародиш, ќе расте и се надевам по план ќе се развива онака како што е замислена. Ние сме овде да асистираме и да бидеме од ваша помош бидејќи конечната цел на инвестицијата е секако да заработите профит, но ќе давате плати, ќе го полните нашиот буџет и ќе партиципирате во вкупниот раст на БДП“, додаде премиерот Заев и рече дека со приближувањето на земјата до ЕУ и НАТО Македонија станува посакувана дестинација за многу нови странски и домашни инвестиции.
„Верувам дека во периодот што доаѓа овој регион и нашата земја ќе станат сè повеќе и повеќе посакувано место за инвестирање и создавање профит. Преку ваквите инвестиции се потврдува нашиот развој и нашите резултати од економските политики кои ги водиме. Оваа инвестиција е охрабрување за убавата иднина на Република Македонија интегрирана во НАТО и ЕУ, ваквите инвестиции ќе бидат наше секојдневие“, рече премиерот Заев.
По повод отпочнувањето со градба на новата фабрика на компанијата од фармацевтската индустрија Саген, свои обраќања имаа и вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот за економија, Крешник Бектеши и директорот на Дирекцијата на ТИР зоните, Александар Младеновски.
„Во изминатиот период сведоци сме дека стартуваше градба на фабрики на околу 15 компании, а само во последните недели се градат фабрики кои ќе вработат над 2000 луѓе“, рече вицепремиерот Анѓушев и потенцираше дека стартуван е процесот на индустријализација кој е важен за одржлив економски раст на долг рок.
„Индустријата е таа што дава ефекти на долг рок, затоа оваа влада ќе биде посветена на силна индустријализација. Само преку нови фабрики и инвестиции во високи технологии можат да се отворат работни места атрактивни за високо стручниот кадар за долгорочен импакт кон одржлив економски раст и развој. Од јануари до август просечен раст на индустриското производство изнесува д 5,5 % и заедно со други параметри се сигнал за стабилизација на економијата”, соопшти вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање.
Министерот за економија, Крешник Бектеши зборуваше за економските параметри кои покажуваат дека економијата е ставена на стабилни основи и дека Планот за економски раст ги дава очекуваните резултати.
„Само во првото полугодие бележиме раст на извозот од технолошко – индустриските развојни зони за 18% во споредба со лани, а вредноста на извезени стоки од зоните изнесува 1 милијарда 360 милиони евра“, порача министерот Бектеши во своето обраќање.
„Ме радува фактот што бизнисмените од Албанија се сè повеќе заинтересирани да инвестираат во Македонија“, соопшти директорот на ТИР зоните, Александар Младеновски.
Во духот на долгогодишното и растечко пријателство помеѓу двете земји, но и како симбол за долготрајност и стабилност на инвестицијата беше засадено маслиново дрво старо 300 години.