На ФЕИТ инсталирана лабораторија за мерење еколошки параметри
На Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје почна да работи нова лабораторија за мерење еколошки параметри. Таа е прва од ваков вид и е инсталирана преку проектот на Владата за набавка и опремување на околу 190 лаборатории на високообразовните установи во Македонија.
Ова е една од шесте лаборатории што во рамки на овој проект му е доделена на ФЕИТ за менаџирање. Неа денеска ја посетија премиерот Никола Груевски, министерот за образование и наука Панче Кралев и ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски.
- Лабораторијата може да мери осум еколошки параметри во водата, во воздухот, параметри поврзани со гасови... Освен за еден параметар, за кој досега факултетот имаше стар инструмент од 1970 година, за другите седум параметри што ќе може да се мерат немало такви инструменти во Република Македонија. Владата во овој модерен систем инвестираше околу 100 илјади евра и ова е дел од големиот проект за набавка на околу 190 лаборатории. За приближно половина од нив се склучени договори, а 85 отсто веќе се пристигнати, изјави премиерот Груевски за медиумите.
Тој истакна дека новата лабораторија е корисна за студентите, професорите и научниците од сите јавни универзитети во државата, но и за бизнисот зашто таа ќе може да се изнајмува за нивни цели.