Во Атина вицепремиерката Арифи се сретна со грчкиот колега Пангалос
Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Теута Арифи денеска се сретна со вицепремиерот на Република Грција Теодорос Пангалос.
За време на средбата вицепремиерот Арифи ги презентираше активностите и реформите кои се спроведуваат во Република Македонија во насока на исполнување на критериумите за членство во ЕУ.
Вицепремиерите Арифи и Пангалос разговараа и за можностите за унапредување на соработката во делот на искористувањето на фондовите од компонентата за прекугранична соработка во рамки на Инструментот за претпристапна помош – ИПА како и за унапредување на регионалната соработка.
За време на средбата се разговараше и за Охридскиот рамковен договор при што Арифи искажа задоволство од целите кои се постигнаа со неговата имплементација.
Вицепремиерот Пангалос нагласи дека Грција ја поддржува европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Двајцата соговорници упатија повик до бизнис заедниците на двете земји за подобрување и зајакнување на економската соработка.
Средбата се одржа на иницијатива на вицепремиерот Теута Арифи.