Премиерот Заев на конференцијата „Децентрализација - Патот што претстои“: Ги јакнеме капацитетите на општините за сериозно учество во севкупниот економски прогрес и развој

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со министри во Владата на Република Македонија учествуваше на Конференцијата „Децентрализација: Патот што претстои“, во организација на ЗЕЛС и ОБСЕ.

На конференцијата се отворија важни теми кои се однесуваат на процесот на децентрализација, начините за подигнување на капацитетноста на општините и идните правци на соработка помеѓу централната и локалната власт.

Конференцијата беше отворена со воведни обраќања на претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија, Клеменс Која.

Во прилог на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев во целина:

 

Особена чест ми претставува што ја имам можноста да ја отворам Националната конференција за градоначалници насловена како „Децентрализација: Патот што претстои“, на којашто ќе разговараме за многу важни прашања што ги засегаат граѓаните и локалната заедница.

Како централна власт преземавме обврска да работиме заедно со општините во решавање на наталожените проблеми на локално ниво и за реализација на развојни проекти за да можат граѓаните да добиваат навремени, ефикасни и квалитетни услуги. Истовремено должни сме, и како централна и како локална власт, да ги подобриме условите за живот на сите граѓани во секој град, село и населено место во Република Македонија.

Заеднички именител на општините и централната власт се граѓаните. Постоиме за ним да им служиме. На самиот почеток сакам да кажам дека локалните самоуправи имаат пријателска централна власт којашто сака да биде од помош на јакнењето на капацитетите на локалната самоуправа.

Имаме обврска, заедно да работиме за да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани кои ни ја дадоа довербата и честа да креираме политики кои имаат за цел да го подобрат квалитетот на живот и на централно и на локално ниво.

Процесот на децентрализацијата мора да се заокружи на системски начин кој ќе им овозможи на општините да бидат функционални и финансиски стабилни, а од друга страна непречено и квалитетно да ги извршуваат обврските и услугите кон граѓаните.

Од тие причини и денешната конференција е многу значајна во реализацијата на таквите наши заеднички цели.

Владата на Република Македонија за овој краток временски период од 18 месеци ги врати општините и рамномерниот регионален развој високо на својата агенда на приоритети.

Во 2019 година за рамномерен регионален развој издвоивме за 100% повеќе пари во однос на 2017, или за над 50 насто повеќе во однос на 2018 година. Од 3,5 милиони евра во 2017 та година, за наредната година за проекти за рамномерен регионален развој во планските региони и во општините, се обезбедени 7 милиони евра. Наша цел е овие средства континуирано да се зголемуваат се до целосната трансформација и целосното насочување за реализација на Законот за рамномерен регионален развој по кој треба да се обезбедат законските 1% од БДП  со зафаќање од капиталните инвестиции кои што би се распределувале според степенот на развиеност во сите плански региони.

Знаејќи со какви тешки финансиски проблеми и големи долгови се соочуваа најголем дел од општините Владата на Република Македонија со ребалансот на Буџетот за 2018 со 50 милиони евра вкупен износ на финансиски средства им помогна на општините да сервисираат 50% од својот долг.

Целта на ваквиот чекор е да се ослободи развојниот потенцијал на општините кој беше долги години заробен во наталожени долгови и блокирани сметки.

Се работи за еднократна помош, без обврска за враќање во централниот буџет со цел јакнење на капацитети на единиците на локална самоуправа. За да се спречи повторување на ваквата непожелна ситуација се воведе фискално правило со цел да се стават буџетите на општините во една реална рамка на планирање.

Сакам да ве охрабрам од мое име и од име на Владата, а верувам имам прво и од името на Парламентот, сите градоначалници, сектори за финансии и советите да сметате на нашата флексибилност и на нашиот партнерски однос за спроведување на ова ново правило. Знам дека не е лесно да се испроектираат буџетите со ваквото ново фискално правило, но ние остануваме партнер на општините и верувајте дека нема да дозволиме ниту една општина да го закочи својот развој заради ова ново фискално правило. Сите сме согласни дека мора да ставиме ред за да не продолжат да растат ваквите еклатантни долгови којшто во општините ги има. Уште еднаш само напоменувам, долговите на општините беа повеќе од 6 милијарди денари, ако ги ставиме и локалните јавни претпријатија износот е најмалку двократно поголем.

Паралелно се работи на ревидирање на блок дотациите со кои што се финансираат надлежностите во областа на образованието, детската заштита, културата, противпожарната заштита. Во брзо време, со поддршка на Светска банка ќе бидат предложени нови модели на финансирање на овие надлежности, што ќе придонесе за поефективна, поефикасна и одржлива испорака на услугите од страна на општините кон граѓаните.

Она што сакам да го најавам на оваа конференција се големи инвестициски вложувања во локалната инфраструктура и тоа во изградба на локални и регионални патишта, градинки и канализацииона и водоводна инфраструктура, како и основни и средни училишта.

Работиме на тоа и ќе обезбедиме 70 милиони евра од Светска Банка за изградба и реконструкција на локални патишта и 50 милиони евра од Европската инвестициона банка за изградба и реконструкција на водоводи и канализации. Станува збор за кредитни линии кои ќе станат оперативни уште почетокот на 2019. Во овој процес е важно општините да имаат изработено квалитетни и ревидирани проекти кои ќе ги доставуваат до Министерството за транспорт и врски за да можат да повлекуваат повеќе пари од кредитните линии и да започнат со реализација на проектите. Токму преку овие најсериозни капитални инвестиции во локални патишта, водоводи и канализации, градинките и училиштата имаме намера паралелно со еднократната финансиската помош да ги стабилизираме општините финансиски капацитетно за да може државата да смета на овој сериозен капацитет којшто за жал во Македонија сеуште не е соодветно ниту пак доволно искористен.

Во тек е проект на изградба на канализациони и водоводни мрежи од ЕИБ во висина од 50 милиони евра, од кои остануваат уште меѓу 10 и 12 милиони евра за реализација. Апелирам до општините да ги искористите овие пари. Кредитите не ги враќате вие, Владата, односно државата ќе ги враќа овие кредити и треба да се искористат овие квалитетни средства.

Во 2019 година ќе станат оперативни и средствата од ТАВ, тоа се повеќе од 35 милиони евра. Завршуваме со анексот на договорот со ТАВ, ќе ги помине сите правни процедури, очекувањата се дека до 15-ти јануари за да може алокацијата на тие 35 милиони евра на транспарентен начин да бидат распределени за тригодишни проекти на сите општини во Република Македонија, пак за вододовди, канализации, детски градинки, за училишта и за некој од сортските сали во училиштата.

Уште еден проблем на кој посочуваат општините е недостатокот од градинки и капацитети за згрижување на децата во претшколска возраст. Тоа е наша реалност.

Светската банка ни стави на располагање 30 милиони евра за период од 4 години за унапредување на системот на социјална заштита. Од овие средства 16 милиони евра се само за изградба и реконструкција на детски градинки. Овие пари повторно ќе завршат во општините за децата да ни бидат згрижени.

Ако направиме некоја груба математика тоа значи дека повеќе од 230 милиони евра ќе се слеат во општините за подмирување на долговите како и за изградба на локални патишта, канализации и водоводи и градинки.

Дополнително општините имаат на располагање буџетски средства и средства од ИПА претпристапната помош на Европската Унија за нивен развој и подигнување на капацитетите. Зборувам за пречистителните станици. Неколку се пуштија веќе во употреба. Продолжуваме со Битола, со Тетово, со другите општини кадешто завршуваме со физибилити студиит и проектни документации за реализација.

Идната година ќе почнеме и со конкретната реализација на депониите во Република Македонија на петте незаокружени со проекти, односно со одредени проектни чекори за реализација на регионалните депонии. Парите за документацијата се обезбедени. Верувам дека ќе ја завршиме работата во неколку месеци за да може да одиме по пат на грантови, по пат на кредити, или по пат на јавно приватни партнерства и концесии. Тоа е исто така сериозно решавање на проблемите на граѓаните и сериозни капитални инвестиции за државата, но и за општините.

Граѓаните мора да ги добијат основните услови за живот и нормално функционирање и тоа е желба да случи што е можно побргу.

Уште еднаш апелирам до општините и општинската администрација навреме да започнат со изработка на квалитетни и ревидирани проекти за да можат парите кога ќе станат оперативни да ги искористат во целост.

Дозволете ми на самиот крај да ја испратам пораката дека Владата останува сериозен партнер на општините. Претседателот на Владата на Република Македонија е поранешен градоначалник, имаме доста министри коишто биле градоначалници, но и останатите колеги во Владата се комплетно позитивни во поддршка на општините. Општините се сериозен капацитет за развој и раст на севкупниот економски прогрес во Република Македонија. Ако бидат посилни, ако бидат покапацитетни Македонија може да очекува поквалитетен живот за сите граѓани. Во таа насока континуирано ќе работиме на взаемната соработка. Не очекува сите многу работа за исполнување на заедничката цел: Подобар квалитет на живот за сите граѓани!

Посакувам успешна и плодна дебата на конференцијата. Заедно со министрите ви стоиме на располагање да одговориме на сите ваши прашања.


Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев по завршување на работниот дел од Националната конференција за градоначалници „Децентрализација: Патот што претстои“, којашто се одржа денеска во хотел Александар Палас, даде изјава за медиуми, која што ви ја пренесуваме во целост:

Важна е тематиката и проблематиката којашто денеска во присуство скоро на цела Влада, и на сите градоначалници во Република Македонија, да зборуваме за перспективите и за децентрализација, и за зајакнување на капацитетите на локалната самоуправа и институциите кои што се на локално ниво.

Оваа тематика, децентрализацијата и како по патот понатаму, денеска треба да даде конкретни одговори, кои што своја реализација ќе имаат во претстојниот период, а дел од овој процес е веќе почнат. Ќе ги кажам само првите впечатоци после завршувањето на локалните избори есента 2017 година, кога на површина излезе дека општините должат повеќе од 6 милијарди денари. Ако на тоа се додадат и долговите на локалните претпријатија заедно со локалните институции, со дополнителни 8 милијарди денари, тоа се 14 милијарди денари или близу 250 милиони евра.

Еден дел од тоа општините успеа сами да го менаџираат, другиот дел сега ќе се исплати со 50-те милиони евра кои што Владата со ребалансот за 2019 година ги обезбеди и почнуваме со тоа да ги зајакнуваме и враќаме општините во нормала во Република Македонија.

Процесот продолжува понатаму, 70 милиони евра уште во првиот квартал на 2019 година ќе почнат да се имплементираат за локални патишта, 50 милиони евра дополнително пари за водовод и канализации, 12 милиони евра имаме веќе обезбедени за водовод и канализации, 35 милиони евра ќе бидат од ТАВ распределени во општините уште почетокот на 2019 година. Светска банка обезбеди 30 милиони евра за детски градинки, од кои што 16 милиони евра се за градба на нови детски градинки или реконструкција на постојните. 
Преку ИПА програмите некаде се заокружуваат повеќе од 40 милиони евра за делот на прочистителни станици, за делот на депониите кои што ќе се отвораат во Македонија, односно се афирмира буџет, кој што во следниот период би бил поголем од 230 милиони евра. Сето тоа треба да ги зајакне општините и да ги доведе во капацитетност за да го примаат вториот бран на децентрализација на власт.

Извршната влада предводена од мене, е целосно про децентрализација на власта, а овие изминатите 13 години се доволен временски период да направиме пресек и да донесеме одлука кои се следните чекори на децентрализацијата на власт.

Тоа значи и нови чекори на финансиска децентрализација и во делот на пуштање на дел од процентите или средствата од данокот на додадена вредност, кои што ЗЕЛС ги има како своја аспирација и персоналниот данок на доход, но и паралелно нови надлежности спрема општините.

Ако во средината на годината веќе видиме зголемена капацитетност на самите општини, ние сме подготвени центрите за социјални работи да ги пуштиме на општините, здравствените домови, домовите на културата, одредени дејности од јавните претпријатија, како што е изведбата на регионалните патишта, како што е изведбата на системите за наводнување. Одредени приходи да ги зголемиме, кои што досега не се приходи на општините по други основи, но очекуваме исто така и од општините да ја подобрат својата наплата на данокот на имот, на фирмарините, но и наплатата на комуналиите или приходите од продажба на градежно земјиште, односно да покажат паралелно капацитетност за севкупниот раст и развој на Република Македонија, затоа што тие се сериозен партиципиент во севкупниот раст и развој на нашата земја.

Со помош на ОБСЕ, со помош на анализите од Светска банка, но и многу други меѓународни организации, кои што ни помагаат, верувам дека до крајот на првиот квартал ќе бидеме на чисто, за подготовката на Македонија за следни фази на децентрализација на власта.

Владата е подготвена, а верувам дека и Парламентот ќе даде поддршка во нови законски решенија за да ги јакнеме општините во Република Македонија.

Втора тематика е како да имаме рамномерен регионален развој. Руралните општини за жал кубурат, даваат плата и многу малку можат да ги развиваат, инфраструктурно и урбано, своите места на живеење, односно местото на живеење на граѓаните кои што живеат во таквите рурални општини. Мора да донесеме одлука за идните модели на функционирање на системите за локална самоуправа. Секако мора државата да изнајде начин како ќе пушти повеќе пари за развој на руралните општини, за да имаат приближно рамномерен и еднаков развој и раст градските општини.

Јас верувам дека разбирањето што постои помеѓу извршната власт и управниот одбор на ЗЕЛС и сите градоначалници во РМ ќе не стават во таква позиција да искрено носиме одлуки за да можеме да го подобриме севкупниот квалитет на живот на граѓаните, како испорачувањето на услугите на локално ниво, односно да има еден сублимат. Извршната власт е подготвена да се развластува и да предава свој дел на надлежностите на локалната самоуправа за да по успешно и по ефикасно да го извршува испорачувањето на услугите кон граѓаните.

Веруваме дека тоа ќе штеди пари, децентрализацијата ќе донесе поголема демократизација и веруваме дека квалитетот на живот во РМ на тој начин повеќе ќе го подобриме.