Ставрески: Задоволни од почетокот на проектот „Купи куќа, купи стан“
Во банките на првиот ден од реализација на проектот „Купи куќа, купи стан“ доставени се 50 апликации. Интерес има и за купување стан и изградба на куќа, но и за доградби. А меѓу двата модела граѓаните поголем интерес пројавиле за првата варијанта за плаќање на половина од ратата од страна на Влaдата.
И вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и банкарите очекуваат голем интерес за проектот, а за да им се излезе во пресрет на граѓаните да добијат повеќе информации од денеска почнаа информативен караван каде ќе бидат пристуните претставниците на банките и на Министерството за финансии кои ќе даваат информации за начинот на аплицирање, за условите и се што е значајно за проектот.
На информативните пунктови граѓаните ќе може и да пополнат формулари и да аплицираат кај банките.
- Од денес од Плоштадот во Скопје тргнува караванот „Купи куќа, купи стан“. Тука ќе бидеме пет дена. Потоа одиме во внатрешноста во поголемите Битола, Струмица, Охрид, Тетово..., каде по два дена ќе престојува караванот, изјави министерот Ставрески на означувањето на стартот на караванот.
Тој истакна дека според информациите од банките интерес за проектот има и во Скопје и во другите градови. Граѓаните што претходно се информирале, додаде министерот, поднесуваат апликации, а други се информираат како да го направат тоа во наредните денови. Задоволни сме од почетокот и веројатно ќе има поголем интерес од она што очекувавме. Во таа насока нашата намера е да овозможиме што е можно повеќе граѓани да дојдат до субвеницониран станбен кредит, а верувам најмногу од тоа корист ќе имаат граѓаните со пониски примања и помладите лица, односно оние кои се во брачен статус и имаат намера да формираат заедница и на тој начин со оваа поддршка од Владата да стекнат сопствен дом, изјави министер Ставрески.
Меѓу двата модела што се нудат со проектот за кредитот, половина месечна рата во првите пет години да ја отплата Владата и половина учество. Министерот истакна дека двете варијанти се отворени но оти граѓаните ќе одлучат која им е поповолна. - Некои граѓани, нагласува, се повеќе заинтересирани за половина месечна рата да им се плаќа, бидејќи најверојатно на почетокот има поголем интерес за таа опција, додека за граѓаните кои не можат да ги соберат потребните средства да добијат станбен кредит ќе биде добра и втората опција.
Кредитот е со максимален износ до 50.000 евра, каматната стапка кај првиот модел со половина рата е фиксна во првите пет години и ќе биде 4,99 за првите три и 5,5 проценти за четвртата и петтата година. Додека кај вториот модел таа е еуролибор плус 4,5 проценти и таа ќе биде за цело време на проектот. Министерот смета дека банките дадоа добра понуда и оти меѓу себе може да си конкурираат во однос на каматната стапка, но оти таа е на границата на исплатливост на проектот за банките, а за граѓаните е за 2 отсто пониска од онаа што е реална во моментов и е добра заштеда за нив. Банките може да си конкурираат во делот на останатите трошоци, додаде министерот, иако и тука се лимитирани.
Во проектот учестуваат НЛБ Тутунска банка, Стопанска банка - Скопје, Охридска банка, Шпаркасе, Прокредит банка, Алфа банка, ТТК банка и Стопанска банка - Битола. Барањата се поднесуваат до 1 март, а првите кредити се очекуваат на почетокот на април.
Банкарите потенцираат дека граѓаните се интересираат и за станови и за изградба на куќи, особено за доградбите. - Граѓаните прашуваат за условите. Интерес има и за двата модела на субвенционирање на кредитите иако повеќе оди во насока на пола пола рата, рече Нина Неданоска од Охридска банка.
Во проектот може да учествуваат сите граѓани, а предност ќе имаат оние кои пониски примања. Услов е примањата на кредитобарателите да биде до 900 евра месечно, а и цената на метар квадратен да не надминува 900 евра. Се планира да се доделат годинава 2.500 кредити. Доколку се појави поголем интерес може да се разгледа можност за зголемување на средствата.