„Со истата храброст со којашто го решивме спорот со името и ги отворивме вратите за членство на земјата во НАТО и ЕУ ќе влеземе во засилување на економијата за подобар животен стандард на нашите граѓaни“, порача претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев пред граѓаните на Велес на првата од серијалот трибини со граѓаните „Силна економија – шанса за сите“ на којашто заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев отворија дебата со велешани за економските остварувања и очекувања.
Премиерот Заев потврди дека државата е финансиски стабилна со ликвиден буџет и дека со зачленувањето на Република Македонија во НАТО и започнувањето на преговори со ЕУ се отвораат економските перспективи за развој и во тој правец премиерот ја потенцираше дека сега е време за добра организација и фокусирана работа на економијата.
„Ние веруваме дека ќе ја биде државата ако народот има повеќе пари, ако се зголемува куповната моќ на граѓаните. Првите мерки што ги донесовме беа да помогнеме да останат повеќе пари кај граѓаните или да вратиме повеќе пари кај граѓаните. Сега со отворени перспективи тоа е уште повозможно. Ќе наведам неколку примери. Ја зголемивме минималната плата на 12.000 денари. Тоа ја отвори спиралата на покачување на платите. Денеска дојдовме до просечна плата во Република Македонија која е за 1.600 денари повисока од пред година и пол. Сега просечната плата е 24.548 денари, претходно беше 22.889 денари. Дојдовме до просечна плата од 400 евра. Железни опинци ќе облечам, просечна плата од 500 евра ќе има во Република Македонија“, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев најави ново зголемување на минималната плата со кое ќе се води грижа и за трудоинтензивните дејности и потсети на укинувањето на радиодифузната такса со што им се оставија околу 15 милиони евра пари кај граѓаните.
Вицепремиерот за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, истакна дека 2019 ќе биде економска година, а тоа е базирано на реален оптимизам кој се потпира на квалитетни економски проекти. Вицепремиерот дополни дека позитивните стапки за економски развој се можни, бидејќи за економски развој потребна е стабилност на државата, која со надминувањето на проблемот кој го имавме со Грција и пристапувањето кон НАТО е обезбедена, како и со мерките кои Владата ги усвои за финансиска поддршка на компаниите. По вчерашното гласање за договорот помеѓу Македонија и Грција во Грчкиот Парламент кое заврши со ратификација на договорот, четири реномирани компании потврдиле дека ќе реализираат свои инвестиции во Македонија. Вицепремиерот нагласи дека за уште подобра бизнис клима и повисок економски развој потребно е и повисоко ниво на владеење на правото, за што не треба да се чека, туку да се земат работите во сопствени раце и со голема посветеност да се завршат потребните реформи.
„За повисоки стапки на економскиот раст мора да се работи на развојот на индустријата. Владата обезбеди поддршка за македонските компании со кои се поттикнува конкурентноста на македонските компании, за технолошки развој, повисока продуктивност и со тоа повисок извоз. Во 2018 година поддржани се рекорден број, околу 250 компании, преку средства од буџетот. Во 2019 година во буџетот се обезбедени 36% повеќе средства во Програмата за економски развој. Владата со овие средства директно им помага на компаниите за набавка на нови машини и за знаења како да се употребуваат новите технологии, додека организацијата останува на менаџментот на компаниите“, подвлече Анѓушев.
Вицепремиерот рече дека Владата нема да спроведува проекти кои се насочени само кон еден град или регион, туку ќе се спроведуваат проекти кои ќе овозможат рамномерен регионален развој. Во таа насока Анѓушев потенцираше дека ќе се спроведуваат неколку многу важни проекти во Велес, со кои ќе се подобри животот и подигне животниот стандард на граѓаните.
„Преку КФВ банката обезбедени се 25 милиони евра со кои ќе се поврзат езерата Лисиче и Младост и ќе се подобрат условите за снабдување со питка вода и за вода за наводнување за Велес и околните населени места. Околу 1 милион евра, преку ИПА средствата се обезбедени за уредување на инфраструктурата на езерото Младост. Се планира санирање на мостот кај Башино село, воедно се проектира нов мост кај Речани и се планира изградба на нов пат, некој вид на обиколница за Велес, за полесен проток на возила во индустриските зони и избегнување на сообраќајниот метеж во градот“, заклучи вицепремиерот Анѓушев.