На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини и министерот за надворешни работи на Романија, Теодор Мелешкану, во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија и земјите-кандидати, што вчера и денеска се одржа во Букурешт.
Во фокус на состанокот беа прашања поврзани со односите на ЕУ со Кина и заедничките интереси и предизвици на Европската унија и земјите од Западен Балкан како земји кандидати за членство во Унијата. Се реализираше и неформален ручек посветен на земјите кандидати кои заедно со земјите членки на ЕУ дебатираат на тема „Иднината на регионот”.
Во дискусиите, МНР Димитров истакна дека интересите и предизвиците на ЕУ се заеднички интереси и предизвици на сите нас како земји кандидати, при што стратешкото партнерство помеѓу ЕУ и Кина е значајно и за партнерството на земјите кандидати со Кина. Тој го потенцираше развојот на економските односи со Кина во рамки на иницијативата ‘Belt and Road’, чиј што составен дел е и процесот 16+1 каде Република Македонија е присутна и кој опфаќа значајни инфраструктурни проекти.
Во контекст на иднината на регионот како и очекувањата на Република Македонија во претстојниот период, министерот Димитров нагласи: “Позитивната приказна која Македонија ја создаде преку преземањето храбри чекори и затворање на отворените прашања со соседите, но и напредување во реформите дома, е значајна како за регионот, така и за Унијата. Она кон што се стремиме е да почнеме со процесот на преговори и да добиеме шанса за фер реформски натпревар во регионот. Очекуваме се’ што направивме до сега и се’ што ќе направиме во следните месеци да биде препознаено преку одлука за почеток на пристапни преговори во јуни 2019 година.” МНР Димитров продолжи наведувајќи дека е важно целиот регион да покаже зрелост, поделена одговорност како и да ги забрза реформските процеси во периодот што претстои. За Македонија потенцираше дека ќе вложи напори и понатаму да извезува добри вести и да покаже континуиран напредок со што ќе ги увери партнерите од ЕУ за сопствениот кредибилитет како иден сојузник.
На маргините на состанокот министерот Димитров реализираше повеќе билатерални средби со своите колеги од Бугарија, Грција, Ирска, домаќинот Романија, Хрватска и Словачка, како и разговори со повеќе други колеги.