Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев имаше телефонски разговор со Претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмаер, во кој заеднички ја констатираа и потврдија историската важност на Договорот од Преспа, како за нашата земја така и за регионот и Европа.
Премиерот Заев се заблагодари на Претседателот Штајнмаер за поддршката којашто Сојузна Република Германија ја пружи за време на целокупниот процес на создавање на Договорот од Преспа, како и за поддршката која Претседателот ја дава за ратификација на протоколот за членство на нашата земја во НАТО.
Претседателот Штајнмаер во разговорот ги поздрави дипломатијата и дипломатскиот пример кои премиерот Заев ги дава за регионот и за Европа, оценувајќи ги како прогресивна вредност за целиот свет.