„Денеска ми претставува навистина огромна чест како министерка за одбрана да видам дека сите земји - членки на НАТО ни посакаа многу топло, многу силно, многу гласно добредојде во најмоќната воено политичка алијанса во светот. Македонија веќе не е во изолација, Македонија се смета за една од ретките добри вести на европскиот континент. Безбедноста на нашите граници не ја гарантираме само ние, туку ја гарантира и сојузот и тоа неминовно носи зголемена безбедност во нашата држава, но и безбедност во регионот“, рече министерката Шекеринска денеска, по историското потпишување на пристапниот протокол за членство во Алијансата во Брисел од страна на постојаните претставници на 29-те земји - членки.
Министерката Шекеринска истакна дека ова е успех на сите граѓани на нашата татковина, успех за кој беше потребна волја, посветеност и храброст на една генерација лидери и патриоти кои донесоа одлука која е насочена кон иднината. „Ова е резултат кој што го сработивме тогаш кога седнавме и се сконцентриравме на домашната агенда, кога седнавме и ја вративме одбраната во нашиот политички фокус“, рече министерката.
„Голема чест за мене ќе биде тоа што веќе следната недела ќе можам за прв пат да учествувам на состанокот на министрите за одбрана на НАТО земјите членки, во име и на нашата земја и во име на секој граѓанин. Како прва жена министер за одбрана ќе ми биде задоволство што ќе ги претставувам сите граѓани на нашата држава во овој најмоќен воено-политички сојуз“, рече Шекеринска. Додаде дека тоа испраќа две пораки - едната дека нашата земја кога знае што сака може тоа да го направи реалност; другата до сите наши млади, без разлика дали се момци или девојки дека сè зависи од нивниот сон, сè зависи од тоа колку се трудат и работат, сè зависи од шансите кои што сами си ги создаваат. Сонот,истакна, е тоа кој што нè води напред и кој што нè тера навистина да направиме чуда и во својот живот и во животот на нашата земја.
Министерката рече дека домашните и меѓународните инвеститори веќе не треба да се грижат дали нивните инвестиции се безбедни и сигурни и дека граѓаните нема потреба да се грижат дали безбедноста и сигурноста на државата е гарантирана. „Институциите ќе можат дополнително да им обезбедат шанси и на бизнисот, но и на граѓаните да дојдат до подобро платени и повеќе работни места“, посочи Шекеринска.
„Донесовме стратешка одлука зад себе да го оставиме автократското владеење и живеење во изолација и да се посветиме на градење сојузништво со европските нации“, заклучи министерката.
Со потпишувањето на пристапниот протокол, претставниците на Македонија ќе учествуваат на сите состаноци на Алијансата, а првото официјално учество на министер ќе биде веќе идната недела кога министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, ќе учествува на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво на министри за одбрана.