Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и владината делегација се сретнаа и со претседателот на Домот на пратениците, Ливиу Драгнеа, како и со заменик претседателот на Сенатот на Романија, Јулијан Клаудиу Манда.
Во Домот на пратениците е соопштена веста дека вчера едногласно е ратификуван Протоколот за прием на Република Северна Македонија во НАТО. Изразени се честитки дека нашата држава испишува историја, како дома, така и во регионот и во Европа, низ визионерските политики и начинот на којшто им е пристапено и се решени прашањата важни за иднината.
Премиерот Заев се заблагодари за огромната поддршка од Романија и за тоа што земјата е меѓу првите што пристапи кон потпишување на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО.
- Благодариме за почитта. За нас членството во НАТО е голема стратешка цел. Важни се мирот, стабилноста, безбедноста, но тие значат и економија. Нашата цел е да ги потврдиме перцепциите дека Северна Македонија може да биде и "економско чудо".
Во таа насока посебно е посветено внимание на планираниот бизнис форум од двете земји, интензивирање на економската соработка и размена на искуства на економски план. А разговарано е и за унапредување на соработката во областа на културата, образованието, гасното поврзување, инфраструктурата.
Во Сенатот каде треба да се заокружи ратификувањето на Протоколот за пристап на Република Северна Македонија во НАТО е најавено дека течат забрзани процедури тоа да се случи во текот на следната недела. Изразени се честитки за храбриот пристап на премиерот Заев во решавањето на политичките прашања, на европски начин.
Премиерот Заев, ги поздрави сите заложби на Романија за евро-атлантските интеграции на нашата земја и изрази надеж дека од романското претседателство во ЕУ, ќе произлезе отворање преговори на Република Северна Македонија со ЕУ.