Во координација на Министерството за локална самоуправа, денеска во Владата на Република Северна Македонија се одржа конститутивната седница на секторската работна група за локален и регионален развој во процесот на интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во секторската група со која претседава министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, членуваат претставници од надлежните министерства, од ЗЕЛС, од академската и од донаторската заедница, како и од граѓанскиот сектор.
Секторската работна група ќе обезбедува експертска поддршка во креирањето и имплементирањето на политиките за локален и регионален развој во процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, поддршка во спроведувањето на ИПА Инструментот, како и координација на донаторската помош.
Седницата ја отворија министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини.
Министерот Фазлиу истакна дека со денешниот чин на конституирање на секторската работна група во рамки на механизмот за зајакнување на дијалогот меѓу властите, граѓанскиот сектор и донаторската заедница, дефинитивно се признава сѐ позначајната улога на локалната самоуправа во процесот на интегрирање на Република Северна Македонија во Европската Унија.
- Директен повод за формирање на оваа секторска работна група е одобрениот проект-Регионален и локален развој, којшто финансиски, во вредност од 6 милиони евра, ќе биде поддржан и ќе се имплементира во Рамки на ИПА II инструментот на Европската Унија. Целта на овој проект е да се зголеми ефективноста, ефикасноста и јавната поддршка на локалното управување, а имплементацијата ќе започне од 2020 година. Со проектот ќе управува Делегацијта на Европската Унија, а Министерството за локална самоуправа ќе го координира процесот преку оваа секторска работна група за локален и регионален развој, во којашто членуваат претставници на надлежните министерства, на донаторската и на експертската заедница, претставници на граѓанскиот и од бизнис секторот, рече министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.
Претставникот на Делегацијата на Европската Унија, Никола Бертолини го поздрави конституирањето на секторската група за локален и регионален развој, меѓу другото и како механизам за планирање на донаторската поддршка врз основа на реформските политики што ги спроведува државата.
- Триесет и седум насто од поддршката на Европската Унија или 170 милиони евра се имплементираат на локално ниво, преку имплементација на директни проекти, преку ИПА инструментот за прекугранична соработка, проекти кои што се имплементираат преку граѓански организации, а тука се и другите донатори. Овој форум е добра можност да се разговара за сѐ она што е направено и што ќе се прави, да се развијат реални индикатори за да може да се мери напредокот во подобрувањето на квалитетот на живеење, рече Бертолини.
Конституирањето на секторската работна група за локален и регионален развој го поздравија и амбасадорката на Швајцарија во Република Македонија, Сибил Зутер Техада, како и постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахикјан, коишто истакнаа дека во државата има многу добри иницијативи за локален и регионален развој, има многу партнерства и затоа е потребна поголема координација за да се избегне преклопувањето на активности и да се обезбеди максимален ефект во имплементацијата на проектите.