Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со претседателот на Владата на Грција, Алексис Ципрас со свои воведни обраќања го отворија Бизнис форумот на кој присуствуваат над 400 стопанственици и компании од двете земји, во чии рамки беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу двете земји и се одржаа B2B средби помеѓу присутните компании на Бизнис форумот.
Во продолжение, ви го пренесуваме во целост обраќањето на премиерот Заев.
„Ова е посебен ден!
Ова е историски ден кој верувам дека ќе се памети во двете пријателски држави, Грција и Република Северна Македонија со генерации.
Дозволете ми на почеток да споделам личен сентимент во врска со овој ден.
Денес стојам исправен гордо пред вас, бизнисмените и граѓаните иако можеше се да заврши многу поинаку.
Пред една година сѐ уште не можевме да размислуваме дека ова ќе се случи. И јас и мојот драг пријател Aлексис за многу поверојатна ја гледавме верзијата во која веројатно нашите политички кариери доаѓаат до некаков залез по цена нашите две држави да успеат.
Ние не ги бираме историските околности во кои се раѓаме и со кои треба да се фатиме во костец во моментот кога ги формираме Владите што ги раководиме.
Ќе се сетите дека патот да дојдеме до овој ден не беше воопшто едноставен и лесен. Оваа Влада откако се формираше, си постави една јасна цел: решавање на горливи проблеми по секоја цена, со цел граѓаните на државата навистина да добијат поквалитетен живот.
Беше потребна огромна мудрост и трпение. Но кога се пристапува отворено и со желба да се добие нов пријател, тогаш нештата се повеќе можни отколку доколку се настапува со страв.
Она што ќе кажам понатаму можеби ќе звучи сосема нормално, но јас ве повикувам за секоја моја следна поента да размислите со доза на рефлексија, како е, а како можеше да биде.
Ова е посебен ден!
Денес за прв пат имаме официјална посета на грчки Премиер од осамостојувањето на Република Северна Македонија.
Денес за прв пат се одржа меѓувладината седница помеѓу двете држави каде меѓу другото:
- Воспоставивме совет за соработка на високо ниво – што ќе значи одржување на меѓувладини седници еднаш годишно
- Развивме акциски план за интензивирање и збогатување на соработката во дипломатијата, одбраната, ЕУ, политиката, меѓународните односи, економија, енергетика, образованието, науката, културата, здравството и земјоделието
- Потпишавме договор за соработка во одбраната
- Потпишавме договор за отворање на нови гранични премини: Промахои – Мајден и Maркова Нога – Агиос Германос
- Потпишавме меморандум за соработка за ЕУ прашања и транспорт
Се надевам дека сите овие иницијативи ви даваат малку појасна слика што се сме испуштиле во претходните неколку години како две соседни земји кои не можеле да соработуваат за основни меѓудржавни прашања заради спорот кој постоеше.
Сето ова произлегува од имплементацијата на Преспанскиот договор со што покажуваме посветеност да градиме добрососедски односи, инклузивна соработка и конструктивни односи.
По потпишувањето на Преспанскиот договор речиси секојдневно имаме размена на високи владини делегации кои го подготвуваат теренот за нашата интензивна билатерална соработка.
Но денес токму овде сме собрани и одбележуваме историски момент кога политичарите, бизнисмените, медиумите и граѓаните седиме заедно и разговараме како да ја унапредиме нашата економска соработка.
Денес преминуваме од состојба кога сме имале многу ограничен простор за економска соработка со Привремената спогодба од 1995 до целосно отворено поле за економска соработка кое допрва ќе треба сите заедно позитивно да го истражиме.
Кога се објави веста дека во Република Северна Македонија ќе допатува грчкиот премиер Ципрас со бизнис делегација, вашите позитивни реакции, ентузијазам и огромен интерес беа доволен индикатор дека сме на вистински пат.
Вие драги претставници на бизнис заедницата во одреден дел од историјата бевте веројатно најоштетени заради тоа што вам одамна ви бил очигледен потенцијалот за економска соработка, доколку нашите две соседни држави се пријателски настроени.
Вие бевте тие што и покрај политичките пречки и неможноста на политичарите секогаш да го стават повисокиот интерес во фокус, моравте да барате креативни решенија да соработувате помеѓу вас.
Вашата трпеливост и посветена работа денес се крунисува. Јас сакам да ви честитам за тоа што сте биле партнери низ тешки времиња, и денес можете слободно и достоинствено да седнете на заедничка маса и да освојувате нови простори.
Бројките говорат за вашата посветеност до сега, и тоа беше и пресудно во нашиот напор да ги отстраниме пречките за економската соработка да добие нов моментум.
Во 2018 година, Грција стана наш втор трговски партнер. Волуменот на размената во 2018 година порасна за 20.7% споредено со 2017 година. Достигнавме меѓусебна трговија од близу 1 милијарда долари.
За Република Северна Македонија трговски дефицит во 2018 година се зголемил за 30,7% во споредба со 2017 година. Ова значи дека ќе работиме активно нашите компании да се борат за го зголемат својот извоз во Република Грција со што би го намалиле ваквиот дефицит или евентуално со зголемен број на грчки инвестиции да го избалансираме овој дефицит.
Грција е трет најголем странски директен инвеститор во Република Северна Македонија со вкупно 474 милиони Евра инвестиции од 1997 до 2017 година, или вкупно учество од 10.1% од странските директни инвестиции во државата.
Гледајќи ги директните инвестиции од Грција во Република Северна Македонија, после негативниот тренд во 2016 година од минус 15.69 милиони евра, веќе во 2018 година имаме 25.16 милиони евра. Инвестициите го опфаќаат банкарскиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, прехранбените и текстилните производи и градежништво.
Во рамки на мерките за градење доверба произлегоа инцијативи особено во делот на енергетиката што се веќе во напредна фаза. Имено, сакаме да се реализира проектот за изградба на гасен интерконектор помеѓу Грција и Република Северна Македонија, што би се проширил и до Србија и Романија, но и до Косово и би се поврзал со Транс-адриатскиот гасовод.
Од стагнација во меѓудржавните односи, дојдовме до момент кога Грција ја гледа Република Северна Македонија како главен партнер за трансформирање на регионот во енергетски транзитен центар.
Со оглед на нашите амбиции да ги отпочнеме пристапните преговори со ЕУ годинава, веќе имаме силен партнер во Република Грција уште од сега да напредуваме кон создавањето на единствен европски пазар на енергија.
Дополнително, разговараме за зголемување на соработката во железничкиот сообраќај, размена на електроенергија, реконструкција на коридори и поврзување на телекомуникацискиот и оптички кабел.
Ние би сакале да видиме и поголема соработка и во областа на животната средина како и во здравството преку можности за медицински специјализации на наши кадри во Грција, за современи дијагностички методи и третман.
Исто така, разговараме за средби на start-up компании и претприемачи од двете земји и размена на искуства при развивање на старт ап екосистемите во двете држави.
Почитувани претставници на компаниите,
Jaс би сакал да ве поканам уште повеќе да инвестирате и да ги искористите сите можности кои ги нуди Република Северна Македонија преку планот за економски раст, законот за државна помош, активностите кои државата ги презема во областа на гасификацијата, обновливите извори на енергија и инфраструктура.
Исто така би сакал да ве поканам да размислуваме и развиваме модели на заедничко настапување на европските и глобални пазари.
Бидете сигурни дека имате партнер во оваа Влада која ќе ги третира вашите фирми еднакво како домашните.
Географската близина и инфраструктурна поврзаност ја креираат основата компаниите од двете држави да ги зајакнуваат врските и соработката.
Нашите стопански комори се веќе во процес на развивање проекти за заедничка поддршка на малите и средните претпријатија од двете земји со што би ја зголемиле нивната регионална и меѓународна компетитивност.
Стопанските комори и порано соработувале и давале импулс на политичарите да ги отстранат пречките. Пречките се отстранети а вам ви останува да работите со полн капацитет.
Почитувани присутни,
Мислам дека се повеќе од јасни придобивките од договорот од Преспа.
Економската соработка денес ќе биде зацврстена и преку формирање на Заедничкиот комитет за економски прашања под водство на Вицепремиерите за економски прашања кои активно ќе работат сите овие и нови иницијативи да се случуваат час поскоро.
За крај би сакал да потенцирам дека Република Северна Македонија доби верен пријател во клучни моменти на НАТО и ЕУ интеграција. Грција се наметна како зрел регионален играч и политички и економски лидер.
Навистина, во глобални размери ние сме мали држави а денешниот глобален свет се соочува со предизвици од огромни размери. На сите нам политички лидери без разлика дали сме дел од развиениот свет или сме земји во развој, ни е повеќе од јасно дека само пристап на синергија и партнерство е вистинскиот пристап.
Ви благодарам од срце за сета поддршка во овие изминати месеци. Ви благодарам колеги од Грција за вашата посветеност да покажеме конкретно колку договорот има реална трансформативна моќ за нашите граѓани.
Ти благодарам тебе драг Алексис, мој пријател и пријател на оваа држава. Ние ќе работиме активно да ја оправдаме довербата на граѓаните. Но она што со сигурност знам е дека отворивме прозорец кон иднината кој беше навистина занемарен.
Да се премине од страв и недоверба, кон подадена рака, пријателство и доверба се вредности на кој јас сакам сите ние овде да ги учиме нашите деца. Овие принципи се безвременски и затоа ајде сите овде заедно да им помогнеме на нашите деца да ги уживаат плодовите на ова пријателство.
Имајте продуктивни средби и знајте дека имате партнери во вашите Влади!“
Премиерот Заев и вицепремиерот Анѓушев на Бизнис форумот: Се отвора целосно поле за економска соработка помеѓу двете земји во кое компаниите ќе можат полесно да соработуваат и да реализираат нови инвестиции
Во рамки на официјалната посета на премиерот на Грција, Алексис Ципрас и грчката владина делегација на нашата земја, денеска во хотелот „Александар Палас“ се одржа заеднички Бизнис форум на кој присуствуваа повеќе од 400 стопанственици и компании.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев заедно со претседателот на Владата на Република Грција, Алексис Ципрас со свои воведни обраќања го отворија Бизнис форумот, во чии рамки вицепремиерот задолжен за економски прашања во Владата на Република Северна Македонија, Кочо Анѓушев и вицепремиерот и министер за економија и развој во грчката Влада, Јанис Драгасакис потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете земји, со кој се формира Заедничкиот комитет за економски прашања под водство на Вицепремиерите за економски прашања од двете земји. По завршување на официјалниот дел од Бизнис форумот се одржаа бројни Б2Б средби помеѓу присутните компании.
„Денес за прв пат се одржа меѓувладината седница помеѓу двете држави каде меѓу другото: Воспоставивме совет за соработка на високо ниво – што ќе значи одржување на меѓувладини седници еднаш годишно; Развивме акциски план за интензивирање и збогатување на соработката во дипломатијата, одбраната, ЕУ, политиката, меѓународните односи, економија, енергетика, образованието, науката, културата, здравството и земјоделието; Потпишавме договор за соработка во одбраната; Потпишавме договор за отворање на нови гранични премини: Промахои – Мајден и Maркова Нога – Агиос Германос; Потпишавме меморандум за соработка за ЕУ прашања и транспорт. Се надевам дека сите овие иницијативи ви даваат малку појасна слика што се сме испуштиле во претходните неколку години како две соседни земји кои не можеле да соработуваат за основни меѓудржавни прашања заради спорот кој постоеше“, истакна премиерот Заев во своето обраќање.
Премиерот Заев дополни дека денеска е историски момент во кој политичарите, бизнисмените, медиумите и граѓаните ја унапредуваат економската соработка со што се надминува состојба кога сме имале многу ограничен простор за економска соработка со Привремената спогодба од 1995 до целосно отворено поле за економска соработка.
„Во 2018 година, Грција стана наш втор трговски партнер. Волуменот на размената во 2018 година порасна за 20.7% споредено со 2017 година. Достигнавме меѓусебна трговија од близу 1 милијарда долари. За Република Северна Македонија трговски дефицит во 2018 година се зголемил за 30,7% во споредба со 2017 година. Ова значи дека ќе работиме активно нашите компании да се борат за го зголемат својот извоз во Република Грција со што би го намалиле ваквиот дефицит или евентуално со зголемен број на грчки инвестиции да го избалансираме овој дефицит. Грција е трет најголем странски директен инвеститор во Република Северна Македонија со вкупно 474 милиони Евра инвестиции од 1997 до 2017 година, или вкупно учество од 10.1% од странските директни инвестиции во државата. Гледајќи ги директните инвестиции од Грција во Република Северна Македонија, после негативниот тренд во 2016 година од минус 15.69 милиони евра, веќе во 2018 година имаме 25.16 милиони евра. Инвестициите го опфаќаат банкарскиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, прехранбените и текстилните производи и градежништво“, соопшти премиерот Заев.
По потпишувањето на Меморандумот за соработка, заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев заедно со неговиот колега во грчката влада, Јанис Драгасакис имаа свои обраќања.
„Многу е важно да видиме кои се перспективите, а тие се многубројни. Нашата државата е упатена да соработува со Грција пред се заради пристапот на море. Немаме ние поблизок пристап на море од Солунското пристаниште и затоа многу е важно да имаме пристап таму и инфраструктурно поврзување со Република Грција. Она што сакам да го потенцирам е дека во Република Северна Македонија се добредојдени сите инвеститорите од Грција. Ние имаме можности кои преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите во кој има цела една лепеза на можности за инвестирање како за домашни така и на странски компании“, нагласи вицепремиерот Анѓушев и соопшти дека денеска во рамки на остварените средби се разговарало и за намалување на административните бариери за да се намали времето на чекање на границите за граѓаните и компаниите.
„Во делот на обновливите извори за електрична енергија отворивме повеќе простор за нови инвестиции со носење на новиот Закон за енергетика и сакам да ве информирам дека првиот тендер за фотоволтаици во нашата држава од 62 мегавати ќе биде објавен до крајот на овој месец. Ќе ми биде задоволство да видам и грчки и македонски компании, а исто така да видиме и joint venture компании од двете наши држави. Тоа е многу важно на тој начин да се поттикне соработката, компании од нашите држави да соработуваа не само во нашата земја туку и на странски пазари. Сакам да ве поканам сите вас да инвестирате во Република Северна Македонија, да соработувате со нашите компании, а Владата ќе ви биде партнер и ќе ги олеснува тие процеси, затоа што функцијата на владата е да створи амбиент за тоа и ние мислам дека го создаваме најдобриот можен амбиент“, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на заедничкиот Бизнис форум којшто се одржува во рамки на официјалната посета на грчкиот премиер Алексис Ципрас и владина делегација на нашата земја Република Северна Македонија.