„Основање на Национална мрежа на социјални претпријатија“ беше темата на денешниот настан во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ на која дебата отворија претставници на владините институции, научната јавност, бизнис секторот и невладините организации. Како што во самиот вовед објасни извршната директорка на „Паблик“ Климентина Илијевски, станува збор за сектор со огромен потенцијал за развој.
„Денешниот настан е последица на здружувањето на десетина социјални претпријатија кои одлучија да делуваат заедно, во мрежа, давајќи придонес во екосистемот на делување, што претставува комплексен процес. Мрежата нуди можност за учење, взаемна комуникација, заедничко делување, заеднички глас во процесот на креирање на политики, подобрување на јавниот имиџ“, потенцираше Илијевски.
Владините политики на дебатата беа претставени од министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Министерот Бектеши се осврна на политиките за поддршка на одржливоста на овие претпријатија, кои ги следат правците на делување од стратешките документи на ЕУ, во кои посебен акцент се става и на развојот на социјалното претприемништво.
„Во рамки на годишната Програма за конкурентност, иновации и претприемништво Министерството за економија креира посебна мерка со која кофинансираат проекти на здруженија на граѓани и фондации за развој и поддршка на МСП, вклучувајќи и проекти за развој на социјалното претприемништво. Почнувајќи од 2014 година досега, кофинансирани се вкупно 17 проекти за поттикнување, промоција и развој на социјалното претприемништво на 8 здруженија и фондации“, рече Бектеши, додавајќи дека социјалните претпријатија развиваат современи бизнис модели кои ги интегрираат финансиските, социјалните, културните и еколошките потреби, поради што се посебно важни во глобални рамки.
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска до крајот на годината најави законска рамка која ќе го дефинира идентитетот на социјалното претпријатие, што претставува прва ваква иницијатива во државата.
„Денешното потпишување на Декларацијата за вмрежување на социјалните претпријатија е јасен показател дека овие претпријатија ќе бидат дел од една нова ера во македонската економија. Доказ дека преку вложување средства и искрена енергија се поттикнуваат позитивни промени во општеството. Министерството за труд и социјална политика подготвува Стратегија за создавање на социјално претприемништво, како еко систем за развој на социјалните претпријатија во Северна Македонија. Овие претпријатија се од голема помош за државата, бидејќи нудат социјални услуги на кои ќе биде купувач самата државата, но истовремено и ќе имаат обврска да вработуваат ранлива категорија лица со што ќе допринесат за процесот на инклузија на различните во општеството“, истакна Царовска.
Концептот на социјално претприемништво кој одлично функционира во дел од европските земји, па на ниво на ЕУ социјалните претпријатија опфаќаат дури 15 милиони вработени, одблиску го објасни директорот на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ) за Република Северна Македонија и Косово Давид Оберхубер.
„Да генерирате профит, а истовремено да им помагате на другите е концепт кој ќе го промени светот. ГИЗ ја поддржува оваа иницијатива, затоа што ние веруваме дека само со комбинирање на општествената одговорност, еколошката рамнотежа, економската способност и политичката партиципација, сегашните и идните генерации ќе можат да водат квалитетен и достоинствен живот“, рече Оберхубер.
Вниманието кое го привлече социјалното претприемништво кај владините институции беше оценето како имање слух за модерните економски текови, кој се разликува од она на кое јавноста е навикната во претходниот период.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски во својата дискусија порача: „Нашата порака е дека отвораме процес на дијалог во којшто треба да ги споделиме искуствата и првичните согледувања од досегашната примена на социјални иновации и повикуваме на активно учество на сите кои се дел од оваа платформа во креирање Националната програма, не само за поддршка туку и за финансирање на проекти во делот на социјална политика. Со МТСП од минатата година спроведуваме пилот проект „Оброк за сите“, кој е практична примена на социјалното претприемништво и добар пример за тоа како социјалните иновации може да се применат во јавниот сектор. Ваквите примери треба да бидат мотивација за развивање на слични програми во овој домен.“
Декларацијата за вмрежување на социјалните претпријатија ќе биде доставена и до Владата на разгледување, а со неа треба да се зајакне и врската меѓу бизнис секторот, невладините организации и владините институции.