Трета јавна дискусија за „Стратегијата за едно општество и интеркултурализам” во Кочани: Европска вредност е да обезбедиме плурализам во постоењето на сите различни групи во општеството

Денеска во Кочани се одржа третата, од серијата јавни дискусии за претставување на нацрт текстот на „Националната стратегијата за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Северна Македонија“. Во дискусијата зедоа учество министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, како и претставничката на Фондацијата Отворено општество Македонија, Славица Инџевска, како и претставници од граѓанскиот сектор, локалната самоуправа и медиуми.

 

 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски во своето обраќање ги издвои мерките кои се предвидени во стратегијата на локално ниво, за рамномерен одржлив развој во сите планирани региони, со посебен осврт кон развивањето на руралните средини, кои веќе се влезени во националната стратегија за земјоделство. Транспарентноста и рамномерната распределба на средствата, според приоритетите кои граѓаните заедно со локалната самоуправа ги имаат определено, се едни од појдовните точки за пофункционални институции и зацврстување на соработката меѓу граѓаните и општините. Една од клучните мерки е вклученоста на жените од руралните средини, со што се придонесува кон родовата еднаквост и промовирање на принципот на недискриминација.

„Во таа насока за поддршката на жените од руралните средини, со измената на Национална програма воведуваме нова мерка од 3.000 евра неповратни средства за жените претприемачи во рурални средини, што ќе придонесе за развој на самите средини“, соопшти министерот Николовски.

Во своето обраќање, директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски, ја искажа својата поддршка за креирањето на ваков документ, кој има за цел да ги надмине сите недостатоци и да воспостави еднаквост, признавање на сите различности и постигнување на општествена кохезија.

„Затоа што се градиме како демократија, европска вредност е да обезбедиме плурализам во постоењето на сите различни групи во општеството и тоа оваа Влада го крева на пиедестал, затоа што сметаме дека мултикултурализмот, кој што не зависи од нашата волја, реално пости“, истакна директорот на КОВЗРГ, Даријан Сотировски.

Славица Инџевска, од Фондацијата Отворено општество - Македонија истакна дека визијата и целта на фондацијата е опфатена во Националната стратегија, а тоа вклучува зајакнување на капацитетите на граѓаните, нивна активна вклученост и соработка со општините и институциите, како и инклузија на сите различни и маргинализирани групи. Потенцирајќи дека мултикултурализмот постои, но она на што всушност треба да се работи е спојување, интеркултурализам и дијалог.

„Јас сум убедена во тоа дека сега е време кога треба да одговориме што ние суштински можеме да сториме за нашата заедница, што ние суштински можеме да сториме за државата, и тука со оглед на сите овие насоки што ги спомнав, ми се чини дека главната одговорност и неверојатна можност и ресурси има на локално ниво, со тоа што ќе успееме да се препознаеме, да се запознаеме и да утврдиме канали и начини на комуникација која ќе нѐ доведе во состојба на креација“, укажа претставничката на ФОООМ, Славица Инџевска.

Следната јавни дискусии за Стратегијата е во Струмица на 30 мај.