Заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, утре на 30.5.2019 година (четврток), ќе престојуваат во работна посета на Република Италија, во рамките на која ќе остварат средба со министерот за надворешни работи на Република Италија, Ензо Моаверо Миланеси, а ќе се сретнат и со претседателот на Комитетот за односи со земјите од Западен Балкан во италијанскиот Сенат, Лучијано Ди Алфонсо.
Централна тема на средбите ќе биде интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ, како и поддршката од страна на Италија за земјава по објавувањето на Извештајот за напредок, а во пресрет на одржувањето на Европскиот Совет во месец јуни годинава. Во разговорите се очекува да бидат опфатени и прашања поврзани со европската перспектива на останатите земји од Западниот Балкан и регионалната динамика.
Од Италија вицепремиерот Османи и министерот Димитров продолжуваат во работна билатерална посета на Кралството Белгија, каде на 31.5.2019 година (петок), ќе остварат средба со заменик претседателот на Владата и министер за надворешни и европски прашања на Кралството Белгија, Дидие Рејндерс.