Премиерот Заев и министерот Филипче: Клинички ќе почне да се гради на есен, јавно-приватното партнерство ќе им донесе квалитетна услуга на граѓаните без дополнителен трошок

Во дискусијата за промените кои водат до поквалитетни здравствени услуги, во емисијата „Две години Влада - одговорно пред граѓаните“ на НРТВ, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев информираше дека проектот со сите детали за новиот Клинички центар е завршен, и дека изградбата ќе започне на есен во општина Ѓорче Петров каде овие денови започнаа катастарските работи за уредување на локацијата.

„На есен ќе започне уредувањето на теренот, а потоа и првата фаза од изградбата, опремувањето и обуката на вработените за да бидат подготвени да работат со најсовремената опрема која таму ќе биде вградена во последната фаза“, рече премиерот Заев.

Новиот клинички ќе биде ултрамодерен, како оние во големите европски центри, а тоа го гарантира и поволната оценка на физибилити студијата што ја изработи австриското Министерство за технологија.

„Наскоро ќе бидеме подготвени да настапиме пред потенцијалните странски финансиери за изведба на овој мега проект. Тоа ќе биде установа за комплексни здравствени услуги“, рече министерот за здравство Филипче, и додаде дека во меѓувреме се прави сеопфатна оценка на здравствениот систем за да се изведе зајакнување на регионалните центри и за да запре неоснованото упатување на огромен број случаи кон универзитетските клиники.

„За таа цел ќе посветиме уште поголемо внимание на можностите за јавно-приватно партнерство за искористување на дополнителни ресурси, финансиски или стручни. Тоа се модели од напредни земји. На пример, нема потреба да се задолжуваме за скапа опрема кога таа опрема ја има во некоја приватна институција, а да платиме само за услугата, која и така веќе ја плаќаме. Тоа не е на трошок на пациентите. Тоа е истиот трошок кој и сега се плаќа за извршената здравствена услуга. Ние ја плаќаме референтната цена, за многу поквалитетна услуга за здравствените потреби на нашите граѓани“, дополни Филипче.