Градиме едно општество за сите
Одредени политичари во изминатите години избраа да водат политика на поделби и предизвикување на конфликти кои луѓето ги поделија на „наши“ и „ваши“. Тоа е политика којашто гради минато, а не иднина. Културните и етничките разлики станаа инструмент за политичка борба и злоупотреби.
Конфронтациите го зголемија јазот меѓу различните етнички заедници. Ја засилија и нетрпеливоста меѓу верниците. Се стимулираше и нетрпеливост кон разните општествени малцински или маргинализирани групи, како кон припадниците на ЛГБТ популацијата, со што предизвика дури и изблици на групно и поединечно насилство кон нив од екстремни групи и поединци.
Владата ќе води политика со која Северна Македонија ќе се гради како граѓанска држава на сите што живеат во неа: Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци и сите други помали заедници. Ќе градиме мултикултурно општество во насока на поголема интеркултурна комуникација и градење дух на почитување и културен плурализам. Ќе работиме врз намалувањето на етничките, социјалните и економските разлики помеѓу заедниците преку проекти со интеграциски цели и преку инвестирање во непристрасна држава.
Ќе поддржиме јазична политика во согласност со потребите и интересите на граѓаните, различните етнички заедници и целата држава. Во таа насока, Владата ќе предложи законски решенија за употреба на јазиците, со кои ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните т.е албанскиот, во рамки утврдени со Амандманот V на Уставот на Република Северна Македонија. Законот ќе ја прошири употребата, јасно ќе ги дефинира обврските на институциите и ќе ги зголеми можностите на граѓаните да комуницираат со државните институции на својот мајчин јазик и со тоа полесно и поефикасно да ги остварат своите уставни права. Воедно, законот целосно ќе ја гарантира и соодветната употреба на македонскиот јазик, но и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локална самоуправа (албански, турски, ромски, српски, влашки и бошњачки). За таа цел, Владата ќе формира државен јазичен центар и соодветен инспекторат.
Наша главна заедничка цел ќе биде да изградиме толерантно општество. Затоа, ќе поддржиме програми коишто, заедно со мерките во образованието, социјалната политика и понатамошниот културен развој, треба да ги ослободат младите од етничките стеги и од меѓусебните предрасуди и да им овозможат комуникација во која, пред сè, заемно ќе се почитуваат. Само по пат на дијалог можеме да се разбереме. Само меѓусебното разбирање може да нè заштити од етничко несогласување. Општеството може да се гради по пат на грижата за сопствената култура, но и со запознавање на поинаквите културни вредности, оние на другите.
Првото место каде што треба да се градат вредностите на едно заедничко општество се детските градинки и училишта. Затоа, ќе воведеме елементи на мултикултурно запознавање за сите деца уште во најраната возраст, преку проекти и активности што развиваат чувство на слобода, толеранција и соживот. Ќе бидат искористени практиките од успешните проекти за овој степен на образование. Ќе бидат стимулирани проекти за мултикултурно дружење и меѓујазична комуникација и во повисоките степени на образованието.
Нема да создаваме етноцентрична култура, затворена меѓу четирите ѕида на сопствената етничка припадност. Сакаме држава во која културите ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат. Во тоа се состои силата на нашата култура. За да го одржиме тоа богатство, ќе создадеме решенија што пропорционално ќе ги поддржуваат и унапредуваат и другите јазици, култури и институии за таа намена, а ќе дадеме поддршка и на интеркултурните проекти и мултилингвални практики.
Ќе воведеме редовна пракса на суштинска и симболична политичка поддршка на градењето на обединето општество. Високи владини претставници, во мешан етнички состав, заедно ќе бидат присутни во мешаните етнички средини и ќе посетуваат етнички мешани училишта каде што, јавно и активно, ќе зборуваат за важноста на изградбата и на негувањето на толерантно и мултиетнички обединето општество во Северна Македонија. Ако самите политичари ја негуваат оваа вредност, тогаш толерантноста, како важен елемент на мултукултурното општество, ќе јакне како важен чинител во мултиетничките средини.
Владата ќе води политика на афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците. Ќе се зајакнат капацитетите на Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците (човечки, инфраструктурни, финансиски, политички) за таа да може да ја врши својата функција со полна сила и да биде релевантен чинител во културниот систем на земјата. Поддршка ќе добијат и институциите во културата на припадниците на заедниците.
Силно ќе го стимулираме организирањето на редовни дебатни емисии на програмите на националниот радиодифузен сервис, МРТВ. Ќе поттикнеме и други програмски содржини во кои ќе бидат вклучени претставници на сите заедници коишто живеат во државата. На овој начин уште повеќе ќе го поддржиме јавниот дијалог за сите горливи теми и проблеми кои ги притискаат луѓето. Ќе настојуваме во оваа активност со своите креативни и политички потенцијали целосно да се вклучи и граѓанскиот сектор и невладините организации во Северна Македонија.
Владата цврсто ќе застане на ставот дека само интегрирана Северна Македонија којашто ќе го обедини множеството на различности, ќе биде стабилна и просперитетна држава за сите нејзини граѓани.