Социо-економската перспектива на Северна Македонија и регионот беа тема на денешната Национална конференција „Никој не е изоставен во процесот на ЕУ интеграции" што се одржа во Владата на Република Северна Македонија. Настанот беше организиран од германската невладина организација Arbeiter Samariter Bund, Југоисточна Европа, заедно со локалниот партнер Отворена Порта - Ла Страда и со Министерството за труд и социјална политика на Северна Македонија.
На настанот присуствуваа повеќе од 100 учесници, вклучително и претставници на Владата на Република Северна Македонија , Германска амбасада во Република Северна Македонија, претставници на локални и регионални невладини организации, претставници на меѓународната заедница и општините, како и членови на регионална ИРИС мрежа која брои повеќе од 200 членки, даватели на социјални услуги.
Главните теми за кои се дискутираше се однесуваат на социо-економската перспектива на Република Северна Македонија, каде што Министерката за труд и социјална политика на Република Северна Македонија, Мила Царовска, ги презентираше состојбите во социјалната политика и вработувањето, како и реформите во овие системи во последните неколку години.
„Идејата на Европското семејство се темели на принципите на солидарност и еднаквост на сите граѓани. Со социјалната реформа за прв пат како универзално право за сите домаќинства со ниски приходи се воведува детски и образовен додаток, гарантирана минимална помош и социјална сигурност за старите лица, со што директно влијаеме на намалување на сиромаштијата, посебно на детската сиромаштија. Крајната цел на целата реформа не е покачувањето на износите на правата, туку активација на корисниците на пазарот на трудот и нивно трајно излегување од сиромаштија за што ги јакнеме и социјалните тимови и институциите коишто непосредно ќе работат со семејствата. Ја повикам Европската Унија да ја продолжи и продлабочи соработката во областа на социјалната политика со регионот”, изјави Царовска.
Се обратија и Елмир Бојаџиќ, регионален директор за југоисточна Европа - АСБ и Марија Тодоровска , програмска директорка на Здружението Отворена порта- Ла Страда.
Конференцијата е организирана во рамките на Иницијативата за социјална димензија (СДИ), која започна во 2018 година како заеднички напор на АСБ и локалните организации на граѓанското општество од Западен Балкан, а поддржана од група истакнати членови на Европскиот парламент, за да се зајакне дијалогот меѓу цивилниот сектор, граѓаните и политичките елити како во Европската Унија (ЕУ), така и на Западен Балкан за потребата од посилна социјална димензија на интеграцијата во ЕУ за земјите од Западен Балкан.