Претседателите на Владите на Република Северна Македонија и на Република Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ, како завршница на денешната официјална посета на српската владина делегација на нашата земја, одржаа заедничка прес-конференција.
На прес-конференцијата, премиерот Заев истакна дека заедно со топлото и срдечно добредојде за српската делегација, ја оцени оваа посета како уште еден придонес во негувањето на традиционално добрососедски односи меѓу двете пријателски земји кои се заеднички посветени на унапредување на регионалната соработка, и на интеграцијата во ЕУ на нашиот регион, врз основа на индивидуални заслуги и резултати на секоја земја посебно.
„На средбата меѓу двете делегации и на тет-а-тет средбата со премиерката Брнабиќ, ја истакнав нашата заложба за одржување континуиран политички дијалог на највисоко ниво. Го искажав нашиот жив и силен интерес за одржување на трета заедничка седница меѓу двете Влади, со цел поттикнување на понатамошната севкупна соработка. Тоа ќе помогне да му дадеме поттик и на денешниот значаен настан, кога на граничниот премин Табановце – Прешево, свечено го отворивме заедничкиот премин по принципот One Stop Shop, и кој претставува реализација на една од целите на повеќегодишниот акциски план, за создавање на Регионална економска област на Западен Балкан“, потенцираше премиерот Заев, и додаде дека овој проект е уште една круна на пријателството и добрососедството помеѓу двете држави.
На прес-конференцијата, претседателот на Владата на РСМ Заев информираше и за трите спогодби што денеска беа потпишани: Спогодбата за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во земјите, во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација од наша страна и ИОА и Министерството за трговија, туризам и телекомуникации од страна на Република Србија, што во пракса значи дека електронските документи издадени од институциите во Северна Македониј ќе бидат подеднакво признаени и во Србија и обратно и на овој начин, за граѓаните од двете земји ќе се намалат административните процедури и времето потребно за издавање на овие документи.
Вториот документ е Спогодбата меѓу министерствата за финансии и царинските управи на Северна Македонија и Србија за заемно признавање на издадените одобрувања за овластен економски оператор, и третиот Спогодба за соработка во фитосанитарната област и областа на безбедноста на храната и ветеринарство, помеѓу министерствата за земјоделие на двете земји.
„Нашите намери за продлабочување на инфраструктурното поврзување продолжуваат и во делот на идентификување заеднички интереси и настапи за добивање поддршка за транспортни, инфраструктурни и енергетски проекти од обостран интерес, согласно насоките од Берлинскиот Процес, од кои се очекува економската компонента на односите меѓу двете земји да продолжи да се унапредува преку континуираните B2B (БИ-ТУ-БИ) средби на секторско ниво, на бизнис форуми како и со заедничко вмрежување за настап на трети пазари“, нагласи премиерот Заев, и додаде дека заедно со соработката во туризмот со заедничка промоција на туристичката понуда на двете земји на трети пазари, од посебен интерес и со големи очекувања се работи на иницијатива за взаемно отворање на културно-информативни центри во Белград и Скопје, како уште еден вреден сегмент кој ќе го зајакне традиционалното пријателство меѓу Северна Македонија и Србија.
„Наша трајна и непоколеблива заложба е да ги решаваме сите отворени прашања во регионот преку инклузивен дијалог во интерес на сите граѓани, со цел за одржување на трајниот мир, развој на демократијата, економијата и животниот стандард на граѓаните“, истакна премиерот Заев во завршницата на своето обраќање на заедничката прес-конференција со премиерката Брнабиќ.
Претседателката на Владата на Република Србија Ана Брнабиќ во своето обраќање се задржа на значењето на спогодбите што денеска ги потпишаа претставниците на двете влади што ќе ѝ дадат конкретна поддршка на работата на концептот One-stop-shop, заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување на граничниот премин Табановце/Прешево.
Брнабиќ го оцени настанот на граничниот премин како историски и како инспирација за сите останати земји Западен Балкан за ваков тип соработка кој ги приближува земјите до моделот на земјите на ЕУ кон кои се стремат сите земји од регионот.
Премиерката Брнабиќ се согласи со премиерот Заев дека надминувањето на вредноста на трговската размена на двете земји од 1 милијарда евра во 2018 година е силен мотив соработката да продолжи насочена кон иднината, а иднината на двете земји е членството во ЕУ. Во таа насока, претседателката на Владата на Србија Брнабиќ изрази надеж дека Северна Македонија наскоро ќе ги започне преговорите со ЕУ и дека Србија е подготвена да ја даде максималната поддршка за Република Северна Македонија за остварување на оваа цел.
Премиерите на двете земји потоа одговараа на прашања од интерес новинарите од двете земји.