Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, имаше средба со Ламберто Заниер, високиот комесар за национални малцинства на ОБСЕ.
На средбата се поздравени обединувачките политики на Владата и определбата за изградба Едно општество за сите, што се реализира и на дело преку изготвувањето сеопфатна Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализам, којшто е во тек.
Поздравен е и духот на интеграција што се манифестира низ создавањето еднакви можности за партиципација на сите заедници во општеството, преку еднакви права и должности во државава.
Премиерот Заев рече дека е важна поддршката од ОБСЕ, посебно бидејќи Владата е определена кон усогласување и почитување на меѓународните обврски и препораки на клучните организации како што е ОБСЕ, поради што заедно со организацијата се организира и денешната интернационална конференција во Скопје „Кон Концептот за едно општество и интеркултурализам“.
-Низ политиките на едно општество за сите, почитувањето на правата на различните етнички заедници и групи, определноста за еднакви права за сите граѓани независно од различностите, ние како држава станавме пример на соживот во овој мултиетнички Балкан и ќе продолжиме да вложуваме во политиките што соединуваат и зближуваат, што се и базичните вредности на Европа, кон којашто се стремиме, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев нагласи дека Република Северна Македонија воспостави добри односи и со соседните држави, со коишто се поврзани дел од заедниците во нашата држава и дека тоа дополнително придонесува за стабилноста во државата.
На средбата е заеднички констатирано дека стабилноста и безбедноста во државата се придонес и во подигнувањето на квалитетот на живот за сите граѓани, со оглед дека ваквата клима создава услови за инвестиции, развој на економијата, а со тоа напредок во образованието и во другите области од значење за секојдневниот живот на сите граѓани.