Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се обрати на Меѓународна научна конференција: Македонскиот јазик – извор на филолошки и на културолошки истражувања.
Премиерот Заев во обраќањето ги нагласи заложбите на Владата и соработката со стручната јавност за заштита и унапредување на македонскиот јазик. Тој ги посочи реализираните проекти и активности и тоа што се презема за натамошна афирмација на македонскиот јазик како во нашата држава, така и во странство. Претседателот на Владата, Заев упати и апел до научната и професорската јавност за активно учество во промоцијата на македонскиот јазик.
Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Заев на Конференцијата:
„Велам, за среќа, има македонска национална култура и историја, зашто тој факт го вооружува македонскиот народ со непобедливо оружје во неговата борба за човечки права и за слободен национален живот, како рамноправен член во бројот на културните народи“.
Ете оваа визија на почитуваниот Крсте Петков Мисирков, еден од најголемите борци за признавањето на македонскиот јазик, почитувани присутни - нашата генерација, ја оствари. И сите треба да сме горди со тоа.
Денес македонскиот народ е рамноправен член во бројот на културните народи - признаен е од целиот свет. И рамноправен со светските јазици е нашиот македонски јазик, што го говориме, признаен од целиот свет.
„Није сме должни да милуаме нашијот јазик, зашчо тој јет наш, исто така, као шчо ни јет наша таткоината ни“, рече Мисирков.
И да, визијата на Мисирков, посилно од секогаш, денес е наша активна мисија.
Затоа почитувани претставници од академската заедница, професори, декани, директори на националните институти, почитувани гости, присутни, почитувани претставници на медиумите,
Го поздравувам организирањето на Меѓународната научна конференција за македонскиот јазик како извор на филолошки и културолошки истражувања, како можност за промоција и унапредување на македонскиот јазик.
Со моето присуство овде, како премиер, ја испраќам пораката дека оваа Влада се определи за заштита, афирмација, поддршка на употребата на нашиот изворен македонски јазик и ја поддржуваме и ќе ја поддржуваме секоја искрена иницијатива којашто оди во прилог на унапредувањето на современиот македонски јазик.
Оваа наша заедничка мисија, како експертска, општествена и политичка јавност води кон заштита и унапредување на македонскиот јазик во нашата родна земја, меѓу денешните генерации на коишто ни е предаден и кон идните генерации на коишто ние имаме должност да им го предадеме македонскиот јазик– жив.
Сите ние имаме уште поголем одговорност, ако се земе предвид дека денес, македонскиот јазик, што го поставивме на рамништето на рамноправни јазици во Европа и во светот, треба да овозможиме и да се применува таму. Ова посебно го нагласувам, ако се имаат предвид очекувањата за исчекор во евроатланските перспективи и за потребата од службена употреба на македонскиот јазик во европските институции.
Деновиве треба да почне јавната расправа за Предлог законот за употребата на македонскиот јазик, што предвидува, меѓу другото, вработување лектори со завршен македонски јазик, во сите државни и јавни институции во држава, во сите субјекти во државниот и приватниот сектор во земјава, но и поактивна афирмација на македонскиот јазик во странство.
Тоа е планирано преку обновување на некогашни лекторати, но и на отворање нови лекторати по македонски јазик на странските универзитети, на високошколските и научни установи што се занимаваат со славистика, во државите во коишто се изучувал македонскиот јазик, но и во коишто ќе се изучува во иднина. Ова особено се однесува на соседните држави, Србија, Бугарија, Грција, Албанија, Косово, но и во земји од поширокото соседство како Хрватска, Словенија, БИХ, Црна Гора, Италија, Унгарија, Романија, Турција.
За да ја доближиме правилната примена на македонскиот јазик до младите луѓе и да мотивираме создавање стручни кадри кои ќе го пренесуваат знаењето за македонскиот јазик, потребен е подмладок во фелата, со предлог законот утврдуваме и задолжително изучување македонски јазик на сите високошколски образовни установи во два семестра, што не беше практика досега. А за прв пат се предвидуваат стипендии за студентите по македонски јазик и литература за сите три цилкуси на високото образование и на сите универзитети во државата.
Посветеноста кон формираниот Совет за македонски јазик при Владата покажува колку сме сериозни во заложбите да се унапредува употребата на македонскиот јазик. Во измените на законот е и нивниот предлог македонскиот јазик да се изучува и во рамките на културните центри при нашите амбасади во странство, според изразениот интерес на Македонците во дијаспората.
Вие знаете дека се обидуваме да ги поддржиме и националните институти, што беа запоставени од претходните влади. Помогнавме да се подобрат условите за работа во Институтот за македонски јазик со нови компјутери, со климатизација во целата зграда, со реновиран и модерен амфитеатар. По 19 години, овозможивме вработување на млад доктор на науки. Знаеме дека вашите потреби се реални и затоа, во следната година ќе се посветиме на тоа да се зголеми бројот на нововработен научен и наставно-научен кадар.
Исто така, за 25 проценти одлучивме да има зголемување на платите од октомври оваа година во националните институти, што беа оставени од 2008 година со најниски плати во државата. Предвидовме и средства заминат труд што одамна не е добиван.
Во рамките на издавачката дејност за 2019 година, како никогаш досега се поддржани сите списанија, зборници и монографии на Институтот за македонски јазик, а правиме напори за финансирање на националните проекти, што пред 10-тина години беше целосно укинато.
Апелирам до вас, научници и професори, македонскиот јазик е нашата татковина, аманетот на Мисирков да го реализираме и пренесуваме низ нашиот македонски јазик.
Ви пожелувам успешна конференција, почитувани присутни, рече премиерот Заев во обраќањето.
На Меѓународната конференција за македонскиот јазик беше изразена благодарност до премиерот Заев и до Владата за заложбите за повисоки плати на вработените во институтите, за подобрување на условите за работа во научната дејност и за препознавањето на потребата од силна поддршка за заштитата и афирмацијата на македонскиот јазик.