МИОА и МОН организираа еднодневна обука за сајбер безбедност за ученици од основно образование, наставници и родители

Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за образование и наука, Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Фондацијата Метаморфозис, организираа „Еднодневна обука за сајбер безбедност за ученици, наставен кадар и родители“.

Целта на обуката е да се подигне свеста за ризиците во сајбер просторот, како и одговорностите на родителите, образовните институции и органите на државната управа при справување со сајбер инциденти кај учениците од основно образование.

На настанот се обратија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, министерот за образование и наука, Арбер Адеми, амбасадорот на ОБСЕ мисијата во Скопје Клеменс Која и директорот на Фондацијата Метаморфозис Бардил Јашари.

„Министерството за информатичко општество и администрација, ја стави сајбер безбедноста во фокусот на својата работа со подготовката на Стратегијата и Акцискиот план за сајбер безбедност. Тоа што е најважно за соочување на проблемот со сајбер криминалот и ризиците со кои сите ние се соочуваме на интернет е да сфатиме дека станува збор за глобален проблем, кој не познава граници. На локално ниво од друга страна, мора да сме свесни дека единствено можеме да се соочиме со овој проблем доколку се обединиме сите заедно. Тука мислам на владините и образовните институции, бизнис заедницата, невладиниот сектор, родителите, наставниците, и на децата кои од мали нозе мора да научат како да го користат интернетот“, рече министерот Дамјан Манчевски.

Според министерот Манчевски, темата за сајбер безбедност не смее да се игнорира. Како што истакна тој, нашата земја е во чекор со европските трендови, односно, речиси 75% од популацијата во Северна Македонија, на возраст меѓу 15-19 години, има профил на социјалните мрежи. Овие бројки се потврда дека треба посветено да се работи на јакнење на свеста од најрана возраст.

„Јас како министер одговорен за развој за информатичко општество искрено се заложувам за развој на дигиталната писменост на целото население. Заедно со министерството за образование за образование планираме национални стратешки проекти за подобрување на дигиталните вештини не само на децата и младите луѓе, туку и на родителите и наставниците. Целта ни е да ги поставиме столбовите за безбеден и сајбер простор не само за денешните деца, туку и за идните генерации“, истакна министерот Манчевски.
На настанот се обрати и министерот Адеми.

„Веќе неколку години наназад постои конзистентност на политиките за заштита и безбедност на учениците и генерално на младите при користењето на интернетот. Воведени се промени во образовниот систем кои продолжуваат да се надградуваат, а воведуваме и нови содржини, односно спроведуваме нови активности согласно Националната стратегија и акциски план за сајбер безбедност за периодот 2018-2022“, истакна министерот Адеми.

Амбасадорот на ОБСЕ мисијата во Скопје, Клеменс Која го поздрави координативниот пристап меѓу Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за образование и наука во однос на сајбер безбедноста, додавајќи дека ваквите настани, меѓу другото се во насока на подигнување на свесноста за користењето на интернет технологијата.

И за директорот на Фондацијата Метаморфозис Бардил Јашари, заедничкиот инклузивен пристап кон темата сајбер безбедност е најсоодветен за справување со сите можни ризици при користењето на интернетот.

На еднодневната обука учествуваат претставници од министерствата за информатичко општество и администрација и образование и наука, претставници од други релевантни институции и организации, наставен и административен кадар од ОУ Кирил Пејчиновиќ и ОУ Хасан Приштина, ученици и родители.

Во 2018 година, Владата на Република Северна Македонија ја усвои Националната Стратегија и Акцискиот план за сајбер безбедност 2018-2022, според кој е предвидена реализација на активности кои се однесуваат на зголемување на свеста и основните познавања од областа на сајбер безбедноста на сите нивоа на образование.