Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски денеска одржа прес-конференција за буџетот 2020 година.
Во продолжение интегралниот говор на министерот:
Предлог-буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација и оваа година го претставуваме транспарентно пред нашите граѓани, за да имаат јасен увид каде и за што се трошат нивните пари.
Фокусот за следната година е дигиталната трансформација на административните процеси и услуги. На овој начин ги спојуваме двата најважни процеси за кои е надлежно МИОА. Тоа е реформата на јавната администрација и дигитализацијата.
Вкупниот буџет на МИОА за 2020-та година изнесува 1.520.100.000.
Најголемиот дел од овие пари, односно 1.200.000.000 денари се одвојуваат за финансирање на МРТВ, МРД и АВМУ.
Ова е пракса веќе трета година, по укинувањето на радиодифузната такса. На овој начин, овие институции добиваат редовни и предвидливи средства со што имаат можност, долгорочно да ја планираат својата работа и програма. Уредувачката политика на националната радио-телевизија е автономна и независна.
Следната година продолжуваме со реализацијата на три големи ИПА проекти, со финансиска поддршка од ЕУ.
Првиот е целосната реорганизација на поставеноста на институциите. Овој проект е веќе започнат, анализите се во тек и првите резултати ќе се видливи веќе на почетокот на 2020. Финализацијата на проектот, како и усогласувањето на стотици закони со новата институционална поставеност ќе биде во текот на целата година.
Вториот е веќе во фаза на евалуација на понудите од страна на ДЕУ. Се работи за проект вреден 4,5 милиони евра со кој ќе се дигитализираат клучните регистри за граѓаните и бизнисите и ќе се развијат дополнителни 120 нови електронски услуги кои ќе се нудат преку Националниот портал за е-услуги. На крајот на 2020, Северна Македонија ќе биде масовно дигитализирана земја, со огромен исчекор на ова поле.
Третиот е исто така во тек, но резултатите ќе ги имаме во 2020 година, а тоа е Долгорочната ИКТ стратегија, која треба да биде документ според кој ќе продолжи да се води дигитализацијата на земјата.
Тука сакам да се осврнам на дел од завршените проекти оваа година, затоа што средства за нивно одржување и модернизација се предвидени за наредната година.
Еден од тие проекти е Централниот регистар на граѓани, што го пуштивме во употреба оваа година. Во 2020 година, обезбедуваме услови за висока достапност за приклучување кон регистарот на институции и компании, кои имаат овластувања да вршат јавни услуги. На овој начин Регистарот ќе биде целосно интегриран, а граѓаните ќе можат да бидат сигурни во безбедниот трансфер на нивните лични податоци.
Централниот регистар е основата и за Националниот портал за е-услуги и воведувањето на систем за електронска идентификација ЕиД. Порталот ќе биде пуштен до крајот на оваа година. Во буџетот на 2020 година, предвидени се средства за одржување, надградба и модернизација.
Ова се основите на дигитализацијата на нашата држава. Со поставување на темелите, отворање на податоците, гарантирање на нивната унифицираност и безбедност, државата, бизнисите, но и граѓаните ќе имаат побрз и поефикасен пристап до услугите.
Кога зборуваме за професионализација на јавната администрација, од особена важност е системот за електронско управување со документи. Затоа во 2020-та година, целосно ќе го модернизираме овој систем.
Со модернизација на системот за управување со документи администрацијата ќе треба да заборави на хартијата! 5.000 административни службеници во најмалку 20 институции ќе работат на единствен систем за електронско управување со документи. Овој систем понатаму ќе се шири и во други институции. Со имплементацијата на системот за електронско управување на документи почнуваме од 1 јануари 2020 година.
Со ова решение, институциите ќе може да добиваат електронски или хартиени документи, а преку ДМС системот истите во електронска форма ќе бидат доставени до надлежниот службеник. Размената на документите меѓу институциите ќе биде електронска и во реално време преку ДМС системот кој ќе овозможи безбедно чување и достава на документите. Можноста од фалсификати и злоупотреба на документи е елиминирана. Секој документ, кој е креиран и проследен преку овој систем ќе може да се валидира без разлика дали е во електронска или хартиена форма!
Во 2020-та година, се модернизира и надградува информациониот систем за управување со човечки ресурси. Со зголемување и подобрување на функционалностите, ИСУЧР, ќе ги обезбедува во реално време сите податоци за вработените во јавната администрација. Ова е основа и за голем број на анализи, како и за креирање на политики согласно потребите на институциите. И ова до сега беше голем проблем.
Со новиот Закон за инспекциски служби, којшто стапува на сила на 1-ви декември, целосно се менува концептот на вршење инспекции. Опомената се воведува како мерка пред казнувањето. Следната година во буџетот е предвидено финансирање на софтвер за е-инспекторати, со кој значително ќе се олесни и ќе стане поефикасна работата на инспекторатите.
Во рамки на заложбата на Владата за градење на сервисен систем на јавни услуги и на ефикасна јавна администрација, во тек е реализација на проектот кој предвидува воспоставување и опремување на деловни простории - Центри за услуги. Овие центри се визуелно препознатливи и брендирани како „Една точка за услуги“, со што ќе им се овозможи на граѓаните на едно место да добијат услуги и информации од различни државни и јавни институции.
Во завршна фаза се и првите три канцеларии „Една точка за услуги“, во Тетово, Куманово и Охрид. Наскоро ќе биде готова и канцеларијата во Битола, а се работи и на трансформација на канцеларијата во Скопје.
Транспарентноста и отвореноста во работењето и редовната консултација со граѓаните е основа за креирање на политики и носење на одлуки кои се во интерес на сите граѓани.
Од тие причини, МИОА, во буџетот одвои средства за менување на веб-страниците на сите министерства во Владата. Станува збор за единствено веб-решение кое ќе го приспособи секое министерство на своите потреби. Едноставно за употреба, фокусирано на услугите што министерствата ги даваат, и ќе биде простор каде граѓаните ќе можат да поставуваат прашања и да добиваат информации кои им се потребни. Првите нови веб-страцини, граѓаните ќе можат да ги видат во првиот квартал од 2020 година.
Во духот на транспарентноста, МИОА го пушти во употреба порталот за Отворени податоци. Во буџетот се предвидени средства за создавање поволно опкружување за отворање на податоците, подобрена законска рамка и отворање на податоците од страна на институциите со користење на методолошки пристап, согласно потребите на јавноста.
Тука се и зголемените функционалности на Единствениот национален електронски регистар на прописи. Со неговата надградба се обезбедува директна комуникација со граѓаните. Воведуваме отворени онлајн дискусии на теми кои се од нивен интерес, но и политики кои ги подготвуваат институциите, а претходно сакаат да ги искомуницираат и да добијат повратен одговор од граѓаните.
Северна Македонија се приклучи на системот ТЕСТА. Се работи за систем за размена на податоци со земјите членки на ЕУ. Преку ТЕСТА се обезбедува пристап и користење на системи кои се на ниво на Европска Унија од страна на нашите институции. Придобивките се во повеќе институции. Пример е Министерството за транспорт и врски, кое преку ТЕСТА разменува податоци за тахометрите во возилата. Дирекцијата за заштита и спасување работи на поврзување преку ТЕСТА со CECIS, односно Информациско-комуникацискиот систем за управување со вонредни ситуации на ЕУ.
Следната година се приклучуваме и на програмата ИСА 2 на ЕУ. Со ISA2 програмата се поддржува развојот на дигитални решенија за јавната администрација, бизнисот и граѓаните во Европа со што се овозможува поголем бенефит од интероперабилни прекугранични и меѓу-секторски јавни услуги. Од аспект на Северна Македонија, ISA2 програмата поддржува развојот на два клучни сегменти, и тоа: Европската рамка за интероперабилност (документ во кој се дефинирани главните насоки и принципи за интероперабилноста), DCAT-AP (апликациски профил кој се користи како стандард за метаподатоци за отворени податоци), како и управување со TESTA мрежата за безбедна прекугранична размена на податоци во ЕУ.
Почитувани, составен дел на Буџетот на МИОА е и буџетот на МАРНЕТ.
Предвидените средства во буџетот се однесуваат на реализaција на проектот за поставување на оптичка инфраструктура во општина Битола за поврзување на кампусите на Универзитетот „Климент Охридски“ и 22 основни и средни училишта. Проектот има за цел изградба на мрежна инфраструктура за поврзување на корисниците на МАРнет во затворена мрежа преку која тие ќе имаат пристап до: Јавен Интернет, услугите на останатите државни установи, како и услугите и сервисите на пан Европската мрежа GEANT.