Груевски: Претпристапниот дијалог е доказ дека реформите даваат резултат
Почетокот на претпристапниот дијалог со ЕУ на највисоко ниво е договорен на средбата што се одржа лани во Охрид со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и комесарот за проширување Штефан Фуле, информира денеска премиерот Никола Груевски по барање на новинарите да открие детали во врска со претпристапните преговори со ЕУ.
- Тоа сега треба да почне да се ефектуира, а е резултат на реформите кои беа направени во изминатиот период. Практично земјата добива повисок третман и е чекор понапред, иако сме закочени од страна на Грција за реално да ги започнеме како што заслужуваме и како што требаше да биде официјалните преговори, изјави премиерот Груевски по денешната промоција на новата медицинска опрема на ЈЗУ Универзитетска клиника за радиологија (ангиограф и апарат за магнетна резонанса).
Сепак, смета тој, ова е чекор понапред, ЕУ во услови кога гледа дека една земја-членка прави крупни проблеми околу започнувањето на преговорите, подвлече, на некој начин ни дава друга можност за во друга форма да се дискутира за понатамошните чекори и напредок на Република Македонија.
- Секако дека од овој дијалог ќе произлезат и нови идеи, нови можности и нови чекори. Тоа е една одлична работа за Македонија, нагласи македонскиот премиер.
На новинарско прашање што очекува од средбата со медијаторот Метју Нимиц, премиерот Груевски дециден дека е неблагодарно пред неговото доаѓање да се даваат изјави.
- Сигурно доаѓа со некакви намери и идеи, останува да ги слушнеме, да ги анализираме и потоа да дадеме изјави, рече македонскиот премиер.
Во однос на странските директни инвестиции, премиерот Груевски истакна дека податокот за 300 милиони евра во првите 11 месеци, е показател дека по заминувањето на светската економска криза работите се придвижуваат, а мерките кои беа преземени од Владата даваат резултати.
- Тоа е износ поголем од сите износи што нашите претходници ги имале во секоја поодделна години, освен во годините кога продале некој монопол, изјави Груевски, додавајќи оти тоа е добар тренд, а веројатно, подвлече, ќе беше многу подобар ако не се случеше најновата валутно - должничка криза во Европа.
Тој потенцира дека се покажува сериозно опоравување од минатиот период и изрази надеж дека ако брзо се заврши таа криза, може да имаме уште повеќе странски инвестиции оваа година.
- На тој план ќе работиме со сите сили. Веќе се најавени десетина нови фабрики во Македонија, некои од нив веќе објавија, а за другите, како што знаете оставаме тие да објават, така што би рекол напорите даваат резултати, изјави Груевски.
На прашањето дали државата е подготвена да се справи со евентуални поплави по обилните снежни врнежи, посочи на тоа дека експертите сметаат оти не би требало да има големи поплави од причини што акумулациите од вештачките езера се прилично празни и најверојатно ќе бидат доволни за да се складира водата.
- Не може да се исклучи сепак дека воопшто ќе нема поплави. Ние треба да бидеме подготвени, не можеме да гарантираме дали ќе има или не поплави. Само ги пренесовме мислењата на експертите по енергетика, кои сметаат дека нема да има толку големи количини вода, рече премиерот Никола Груевски.