Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на покана на градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, изврши увид во градежните работи за реконструкција на една од најпознатите сообраќајници во Скопје - булеварот „Никола Карев“ познат како „Пластичарска улица“, која поврзува четири општини - Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош.
Премиерот Заев во изјавата за медиуми истакна дека продолжуваат интензивните градежни работи за реконструкција на голем број булевари, улици и главни градски сообраќајници во сите десет скопски општини и додаде дека примерот на Град Скопје е поттик и за другите општини во државата целосно да им излезат во пресрет на потребите на граѓаните за изградба и за одржување на модерни сообраќајни решенија за одржлива урбана мобилност, и за поголема ефикасност на градскиот сообраќај.
„Овој булевар дневно го користат десетици илјади возила, а овој потег особено е значаен заради огромниот број стопански субјекти со огромна фреквенција на граѓани како потрошувачи или како деловни соработници и добавувачи на компаниите што тука имаат продажни и други објекти. Со реконструкцијата ќе бидат опфатени 1.400 метри, на потегот од клучката кај Бит Пазар до касарната Илинден“, рече премиерот Заев.
Булеварот „Никола Карев“ истовремено е врската на источната и западната порта на Скопје. Тоа ја прави уште позначајна оваа градска сообраќајница од посебен интерес на граѓаните на главниот град, како и на граѓаните од Републиката кои во огромен број го користат овој булевар.
„Кога ќе биде завршена реконструкцијата, булеварот ќе добие 4 коловозни ленти со полна функционалност, велосипедски патеки во двете насоки и тротоари за пешаци. Проектирана е и нова атмосферска канализациона и водоводна инфраструктура, како и ново осветлување и значајното зеленило“, истакна премиерот Заев.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов истакна дека првата фаза од проширување на Булеварот „Никола Карев“ го опфаќа делот од клучката кај Бит Пазар до касарна Илинден и целосно ќе биде изведена непостоечка атмосферска канализација, реконструкција на подземните инсталации, со што ќе се добие современа сообраќајница и апелираше до граѓаните за трпение додека траат градежните работи.