На седница на Советот за реформа во јавната администрација детално презентирани активностите за ефективна и одговорна државна управа и институции

Советот за реформа на јавната администрација (Совет за РЈА), со кој претседаваше премиерот Зоран Заев, ја одржа седмата седница, на која централни точки на дневен ред беа координација за процесот на спроведување хоризонтална функционална анализа за реорганизација и оптимизација на органите на државна управа, агенции и инспекциски служби, како и вториот Полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 и Акцискиот план. Реорганизацијата и оптимизацијата се спроведуваат во рамките на ИПА проект кој ќе трае две години. Во овој период ќе се усогласат и законските регулативи (над стотина закони) со новиот Законот за организација и работа на органите на државна управа.

Целта е оптимизирање на севкупната институционална рамка, да се зајакне работата на јавните служби и да се подобрат јавните услуги, зајакнување на етиката, интегритетот, транспарентноста, отчетноста и одговорноста на јавната администрација.

„Реорганизацијата и оптимизација на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби на централно ниво е една од клучните реформи и мерки за подобрување на јавната администрација и затоа на денешната седница сме во поширок состав, со членовите на Секретаријатот за реформа на јавната администрација и претставниците на институциите кои ќе бидат контакт-точки за спроведување на реорганизацијата“, рече премиерот Заев подвлекувајќи дека соработката и отвореноста на институциите е од исклучителна важност.

Претседателот на Владата подвлече дека продолжува посветеноста и заложбата на Владата за остварување на комплексната реформа, од којашто треба да произлезе професионална и департизирана јавна администрација.

Тој додаде дека овој ИПА проект претставува континуитет на мерките за реорганизација кои беа спроведени со донаторска поддршка од UNDP, USAID и СИГМА.

„За Проектот од исклучителна важност е отвореноста и соработката на сите институции и во периодот што претстои врз основа на методологијата  за спроведување на хоризонтална анализа ќе продолжиме со процесот на скенирање на состојбата од аспект на преклопување на надлежности. Очекуваме од сите 128 институции, органи на државната управа сериозен пристап и посветеност преку доедуцирање на лица одговорни за комуникација со МИОА и експертите од Проектот“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој подвлече дека Проектот има поддршка од голем број граѓански организации и претставници на меѓународни организации.

На седницата беа присутни и експерти од ИПА Проектот „Поддршка за реорганизацијата“ кои детално ги презентираа активностите, целта и следните чекори кои ќе доведат до ефективна и одговорна државна управа и институции.

Воедно, Советот за РЈА го разгледа и усвои вториот Полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022 и Акцискиот план, за периодот јануари – јуни 2019 година. Извештајот е објавен на веб страната на МИОА.