Премиерот Заев на прес-конференцијата на лидерите на Западен Балкан во Тирана: Остваруваме резултати од соработката за силни економии за секоја земја и за поинтегриран и меѓусебно поврзан регион на нашиот пат до ЕУ

До пред некое време едвај се среќававме и многу ретко седнувавме на заедничка маса, а ова што последните три-четири месеци се случува е новата реалност, новата слика на регионот. Имплементацијата на Декларацијата за спроведување на четири слободи на ЕУ во Западен Балкан донесена во Охрид минатиот месец, веќе дава резултати за нашите граѓани и за економиите, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, на прес-конференцијата како завршница на третиот состанок на лидерите на Западен Балкан што денеска се одржа во Тирана.

 

 
„Утрово го посетивме Драч и јас сум сè уште под емоции од трагите на уништувачката катастрофа што му се случи на овој град. Како најблиски соседи ќе продолжиме да помагаме колку што е можно и колку што е потребно. Апелирам до сите наши граѓани, до лидерите на бизнис заедницата во Северна Македонија, да продолжат со солидарноста и да им ја пружат неопходната помош на граѓаните од Драч и другите места. Трагедијата на Драч не поттикна да ја вклучиме взаемната поддршка при природни катастрофи и вонредни состојби како уште еден столб во унапредувањето на нашата сорабтока во регионот“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата и додаде дека  во февруари во Белград, надлежните институции на секоја од земјите на Западен Балкан ќе го потпишат документот Протокол од Драч за соработка на дирекциите за заштита и спасување.
 
Премиерот Заев ги наведе истварените конкретните чекори од оваа иницијатива, како што 24-часовно функционирање на граничните контроли за фитосанитарни и ветеринарни проверки, завршените преговорите меѓу Северна Македонија и Република Србија и за изградба на новиот граничен премин Лојане -  Миратовац, како и договорот меѓу царинските дирекции на Северна Македонија и на Албанија за One Stop Shop за граничниот премин Кафасан, каков што имаме со Србија на граничниот премин Табановце.
 
„Главната цел на овие One Stop Shop, односно гранични контроли со едно застанување наскоро да стана – Нон Стоп Шоп, односно премини без застанување. Во остварувањето на оваа цел свој придонес ќе има и воведувањето на бесхартиен систем кој ќе ги поедностави царинските постапки. Во таа насока за истакнување се и неодамнешните одлуки донесени во рамките на ЦЕФТА, за време на претседателството на Албанија, особено одлуката за автоматско признавање на овластени економски оператори“, нагласи премиерот Заев и додаде дека во центарот на овие иницијативи се граѓаните од целиот регион и во нивни интерес е и меморандумот слободно движење на лица со лична карта и унифицирање на процедурите за работни дозволи за сите граѓани во сите држави во регионот.
 
„Се доворивме да започнеме процес со кој граѓаните од други земји надвор од Европа кои ќе влезат во некоја земја од Западен Балкан нема да има потреба за царинска контрола ако преминува во друга земја во регионот“, рече премиерот Заев.
 
Премиерот Заев на прес-конференцијата потенцираше дека лидерите на состанокот во Тирана се согласиле да побараат од ЕБРД земјите од Западен Балкан да бидат вклулени како учесници на нивната февруарска конференција посветена на енергетиката.
 
Регионалната соработка е составен дел од нашите напори за влез во Европската унија, рече премиерот Заев, за обезбедување на силни економии за да обезбедиме поинтегриран и меѓусебно поврзан регион.