Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одржи својата редовна втора седница со повеќе точки на дневен ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
На оваа седница ќе се разгледа и усвои Предлог - програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија во 2020 година.
На денешната седница ќе бидат разгледани и ќе бидат ставени на усвојување програмите за работа на повеќе јавни претпријатија, агенции и акционерски друштва во државна сопственост.
На предлог на Министерството за финансии денеска ќе се биде разгледан Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска полиција, по скратена постапка, a Министерството за економија за оваа седница ги предлага точките
- Предлог - програма за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2020 година и
- Предлог - програма за развој на туризмот на Република Северна Македонија за 2020 година.
На денешната втора редовна седница на Владата ќе се разгледа и Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови, регулациски планови на генерални урбанистички планови, урбанистичко – планска документација и урбанистичко – проектна документација во Република Македонија за 2020 година.
Владата на Северна Македонија на својата денешна седница ќе се произнесе и по Предлог - националната годишна програма за јавно здравје во Република Северна Македонија за 2020 година, а на предлог на Министерството за информатичко општество и администрација ќе биде разгледана и информацијата за потребата од спроведување на функционална анализа во институциите од јавниот сектор.
Втората редовна седница на Владата е предвидена да започне во 12:00 часот, и со неа ќе претседава премиерот Оливер Спасовски.