Усвоена Стратегијата за развој на туризмот во Македонија до 2015 година
Министерствата и единиците на локалната самоуправа со низа конкретни мерки и активности во наредниот период ќе треба да придонесат за привлекување на што поголем број на туристи во земјава и да ја направат Македонија атрактивна туристичка дестинација. Како резултат на тоа 4 до 5 отсто во БДП до 2015 година треба да се добива од туризмот.
Ова го предвидува Стратегијата за развој на туризмот во Македонија до 2015 година што Владата ја усвои на последната седница.
- Во Стратегијата се предвидува развој на сите видови на туризам - масовниот, руралниот, алтернативниот, зимски, вински и еко туризмот. До 2015 година очекуваме 4 до 5 отсто во БДП да биде учество од туризмот. Во преговори сме со доста тур-оператори, направен е календар на активности за 2012 година, почнуваме со новиот концепт за туристички развојни зони што ќе фунционира слично на слободните економски зони, а имаме и најави за голем број на туристи од Холандија, рече министерот за економија Ваљон Сарачини на денешната прес-конференција.
Тој посочи дека лани бројот на туристи во земјава пораснал за 25 отсто и се бележи значително зголемување на девизниот прилив од туризмот.
- Акцискиот план на Стратегијата е подолен на национално и на локално ниво. На национално ниво веќе има конкретни мерки и активности кои ќе бидат имплементирани од страна на министерствата, додека на локално ниво во соработка со ЗЕЛС ќе им се укажува на општинит еда почнат со имплементација на Стратегијата за туризам, рече Сарачини.
Во соработка со Државниот пазарен инспекторат, додаде, ќе почнат низа активности и контроли за подобрување на условите во сместувачките капацитети, а се работи и на измени на Правилникот за категоризација на хотели.
- Анкетите со странските туристи како најголем проблем ги посочуваат условите кои ги нудат нашите хотели и сместувачки капацитети. Затоа ќе преземеме сериозни мерки и ќе направиме транспарентен Правилник и ттранспарентна категоризација на сите хотели, рече Сарачини.
На туристичките агенции, потенцира, и годинава ќе им се понудат истите субвенции за привлекување на туристи од странство. За тоа во буџетот на Министерството за економија се предвидени 48 милиони денари. По 65 евра ќе им се даваат на тур-операторите за туристите од земјите на Бенелукс, а по 25 евра за туристите од останатите странски земји.
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Град Скопје Коце Трајановски истакна дека е евидентно зголемувањето на бројот на туристи во Скопје во последниве години.
- Имаме одлична соработка со Владата и со Министерството за економија на полето на развој на туризмот. Уште од 2005 година во рамките на Секторите за локален развој на општините формирани се Одделенија за развој на туризмот со што евидентно е зголемен бројот на туристите во секоја од општините, рече Трајановски.
Тој посочи дека Град Скопје ја поддржува националната Стратегија за развој на туризмот и додаде дека во 2009 година Скопје има направено своја стратегија за развој на туризмот до 2013 година.
- Општините ја поддржа националната Стратегија за развој на туризмот. Донесен е и закон со кој се овозможи намалување на комуналиите за изградба на хотели во Македонија, рече Тајановски, прецизирајќи дека комуналиите за изградба на хотели се намалени за 95 отсто и изнесуваат само 5 отсто од првичната вредност.