Бесими: Без разлика на исходот во Чикаго, ќе продолжиме со реформите
Без разлика на исходот на НАТО-самитот во Чикаго, нема да има промени во нашите заложби за евроатланското интегрирање. Работата на реформите и напорите за влез во НАТО не се директно поврзани со самитот во Чикаго.
Ова го изјави денеска министерот за одбрана Фатмир Бесими кој ја отвори тркалезна маса „Македонија, Регионот и Евроатланските интеграции", на која присуствуваа и амбасадорите и воените аташеа на земјите членки на НАТО во Република Македонија, членовите на парламентарната Комисија за одбрана и безбедност, поранешните министри за одбрана, претставници од советодавните тимови на НАТО.
- Секој ден ќе работиме на тоа до Чикаго и по Чикаго. Независно дали тогаш ќе има проширување или не, Република Македонија веќе има отворена покана. Доколку се реши политичкото прашање меѓу Македонија и Грција, независно од самитите, тоа може да се формализира согласно процедурите на НАТО и земјите-членки за ратификација во одредени држави. Меѓутоа, тоа е ситуација која е позната за нас. Што и да се случи на претстојниот самит на Алијансата, тоа нема да ги промени македонските позиции и заложби за евроатланска интеграција, изјави министерот за одбрана.
Бесими реферираше дека Македонија ги продолжува реформите во одбраната и оти за земјата останува приоритет членството во НАТО и ЕУ. За ова, посочи тој, има висока поддршка од граѓаните и политички консензус. Зачленувањето на Македонија во НАТО ќе биде придонес за мирот и стабилноста во регионот, смета Бесими.
Амбасадарот на САД Пол Волерс уште еднаш го повтори ставот на својата земја и посочи дека Македонија направила многу добри реформи во одбраната, македонски војници даваат придонесе во зачувувањето на мирот во светот и оти се надева на поскоро членство на земјата во Алијансата.
Важно е Македонија да не ја изгуби од вид целта, смета холандската амбасадорка Мариет Шурман, посочувајќи оти целта е подобар, попросперитетен и безбеден живот за сите граѓани на Македонија, на регионот, Европа и на светот.
- Да, подобриот свет почнува од дома. Почнува со реформите што Македонија ги презема, вклучувајќи ги одбранбените реформи, но и напорите во однос на регионална соработка и добрососедските односи очигледно се важни. Учеството на Македонија во мировните мисии низ светот се високо ценети, рече Шурман.
Според поранешниот министер за одбрана Трајан Гоцевски, можно сценарио на самитот може да биде врзана одлука за прием, односно, како што појасни, покана за членство да биде врачена со одреден рок во кој би се надминал спорот за името.
- Република Македонија да добие рок во кој ќе треба да се реши проблемот наметнат од Грција, да го добие документот како покана и да го почне процесот на интегрирање во НАТО. Знаеме дека по добивање на поканата Грција има можност да не блокира уште во три-четири наврати, бидејќи документот за интеграција подлежи на прифаќање од владите на сите земји-членки, потоа мора да го прифатат парламентите и на крајот претседателите на државите треба да го потпишат документот, вели Гоцевски.
Грција, според него, има можност на некој начин да ја присилува Македонија да ја добие поканата.
- Но, европски и цивилизациски е Република Македонија да ја добие поканата, бидејќи мојата процена е дека на долга патека неинтегрирањето во НАТО и во ЕУ може да предизвика поприлично тензии во регионот, рече Гоцевски.