Владата ќе ги субвенционира бизнисите управувани од жени
Со 1,56 милиони денари Владата ќе ги субвенционира бизнисите управувани од жени. Како што соопшти денеска министерот за економија Ваљон Сарачини, станува збор за нова Програма чија цел е да се поттикне развојот на претприемништвото и на малите и средните претпријатија.
Финансиската поддршка е наменета за набавка на опрема, алати и инвентар, за уредување или подобрување на деловниот простор, како и за чување на децата од предшколска возраст на жени кои почнуваат сопствен бизнис - ќе се покриваат 75 отсто од трошоците за градинка или дадилка, но оваа сума нема да биде повисока од 50.000 денари.
- Се надевам дека на овој начин ќе го поттикнеме женското претприемништво и во иднина ќе имаме повеќе жени што почнуваат или водат сопствен бизнис, рече на прес-конференција Сарачини.
Предвидениот износ за кофинансирање е од 30.000 до 200.000 денари. Еден апликант може да поднесе барање за трошоци направени по максимум два основа.
Јавниот повик, информира Сарачини, ќе биде објавен следната недела, а ќе трае до 1 ноември 2012. Право на учество имаат претпријатијата регистрирани како трговски, друштвата со ограничена одговорност и ДОО основани од едно лице во сопственост на жени (над 51 отсто) и управувани од жени, државјани на Република Македонија кои ги исполнуваат следните услови - работење во траење од најмалку еден месец пред објавувањето на јавниот повик, позитивен финансиски резултат во претходната, 2011 година, со исклучок на претпријатијата основани во текот на 2012, деловно седиште на територијата на Република Македонија, најмалку двајца вработени на неопределено време, вклучувајќи ја и сопственичката на претпријатието, како и намирени обврски кон државата и вработените.
Министерството за економија не располага со точна бројка колку компании се менаџирани од жени, но доколку овој проект се покаже како атрактивен, буџетот за негова натамошна поддршка ќе се зголеми.