Премиерот Спасовски, министерот Димковски: Ветеното се остварува, договореното се исполнува, реализирани над 75 отсто од дистрибутивните мрежи на Програмата за наводнување на јужна долина на Вардар – Втора фаза, показател за цврстата заложба на оваа Влада

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов денеска извршија увид во градежните работи на Проектот за наводнување на јужната долина на река Вардар - Втора фаза и увид во градежните работи на Изградба на пат и канал за поврзување на регионален пат Р-1105 со населеното место Горна Мала, Валандово.

Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар - Втора фаза, е од витално значење за валандовскиот регион и е еден од најзначајните капитални проекти во земјоделството.

„Најважно за земјоделците од реализацијата на овој проект, е дека кога ќе биде завршен ќе имаат драстично намалување на трошоците за вода и ќе се обезбеди навремено и квалитетно наводнување на нови 2.150 хектари земјоделска површина. Тоа се сериозни придобивки ако се знае дека сегашниот систем за наводнување е дотраен и земјоделците трпат загуби во своето земјоделско производство.

Се уверивме дека реализацијата се спроведува според утврдената динамика и до сега оствареното ветува дека проектот ќе биде завршен во мај 2021 година како што и беше планирано“, ги потенцираше реализацијата и динамиката премиерот Спасовски.

Тој истакна дека водата како природно национално богатство е од приоритетно значење за секој од нас и без правилно управување со водните ресурси и без современи системи за наводнување, не можеме да зборуваме за развиено земјоделство и затоа заедно со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, интензивно се спроведуваат проекти за изградба и реконструкција на современи системи за наводнување.

„Програмата за наводнување на јужна долина на Вардар – Втора фаза, како капитална инвестиција во земјоделството, ќе биде исклучително значаен придонес за создавање на модерно и европско земјоделство. Овој проект е вреден над 24,3 милиони евра и е инвестиција која го прави македонското земјоделство конкурентно со услови за порентабилно производство за земјоделците и за подобар живот на населението во целиот валандовски регион“, го објасни значењето на проектот премиерот Спасовски.

Тој акцентираше дека земјоделството е еден од носечките столбови за развој на вкупната економија и затоа како Влада посветуваме посебно внимание на политиките кои ги спроведуваме за овој сектор, со посебен акцент на развојни мерки и проекти, како и нови инвестиции кои ќе придонесат кон забрзан раст на оваа стратешка економска гранка во нашата земја.

Премиерот Спасовски посака на сите оние кои учествуваат во реализацијата на овој проект да ја завршат оваа крупна инвестиција, изрази голема благодарност до сите кои придонесоа во реализација на проектот, секторите од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кои работеа на овој проект, германската развојна банка „KfW“, изведувачот и секако Општината Валандово.

„Посетата на регионот и на Општина Валандово ќе ја завршиме и со увид во завршните работи на три инфраструктурни проекти на локалната патна мрежа кои се дел од програмата на Владата за финансиска поддршка на локалните самоуправи, преточена во договори со 80 општини со кои се реализираат над 200 проекти вредни над 38 милиони евра. Ветеното се остварува, договореното се исполнува. Тоа го потврдуваат завршните работи на трите проекти за кои што Општина Валандово доби финансиска поддршка од Владата. Станува збор за изградба на пат и канал за поврзување на регионалниот пат со населеното место Горна Мала, потоа за изградба на дел од локалниот пат за поврзување на Удово до село Градец, како и изградбата на пристапен пат до земјоделско земјиште во село Бајрамбос“, потенцираше премиерот Спасовски на крај од својата изјава.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски истакна дека успешната реализација на овој проект е еден показател за нашата цврста заложба за капитални инвестиции во земјоделството.

„Овој проект предвидува рехабилитација и модернизација на инфраструктурата за наводнување на системот за наводнување во Валандово, кој се наоѓа во јужниот дел на реката Вардар. Драго ми е што изградбата и на овој систем за наводнување, се одвива според предвидената динамика. Досега се изградени над 75 отсто од дистрибутивните мрежи, завршени се подготвителните работи на главниот цевковод, во тек се градежните активности на главната зафатна градба, таложниците, главната пумпна станица, препумпните станици, разделните шахти, шахтите за воздушни вентили и хидрантските шахти, и одобрена е опремата, која е во фаза на набавка и монтажа“, истакна министерот Димковски.

Тој објасни дека со изградбата на системот ќе се обезбеди наводнување на нови 2.150 хектари земјоделска површина на територијата на општина Валандово, поточно во населените места Удово, Јосифово и Пирава, вкупната вредност на проектот е над 24,3 милиони евра, од кои 30 отсто се обезбеди од буџетот на МЗШВ, а останатите 70 отсто, од Германската Развојна Банка (KfW), во форма на грант и на заем под поволни услови и дека според планот изградбата на системот за наводнување се очекува да заврши во мај следната година.

„Континуираната реализација на капиталните инвестиции во земјоделството, е важна за покренување на овој сектор, за зголемено и одржливо земјоделско производство, особено во оваа вонредна состојба, во којашто се наоѓа нашата држава, поради коронавирусот. Тука, во валандовскиот регион, освен инвестициите во водостопанската инфраструктура, паралелно успешно се одвива и реализацијата на инфраструктурните проекти, финансиски поддржани од Програмата за рурален развој. Во завршна фаза се трите инфраструктурни проекти на коишто работи Општина Валандово, во населеното место Горна Мала, Удово и селото Бајрамбос. Преку овие проекти ќе се обезбеди солидна комунална и патна инфраструктура во и надвор од руралните населени места, што ќе придонесе за подобрување на условите за живот на граѓаните“, потенцираше министерот Димковски.

„Реализацијата на капиталните инвестиции во земјоделството и руралниот развој продолжува и во следниот период, со уште позасилено темпо. Само така ќе поттикнеме зголемување на производството на конкурентни земјоделски производи, ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, ќе обезбедиме услови за младите да останат и да работат во своето родно место. Наша цел е да обезбедиме достоинствен живот за сите граѓани од секоја општина“, на крај истакна министерот Димковски.

Градоначалникот на Општина Валандово, Перо Костадинов потврди дека сите работи на овој проект се изведуваат согласно претходно утврдениот план и пропишан квалитет.

„Овој систем ќе овозможи современ начин на наводнување, поголем квалитет на земјоделска обработка и континуирано снабдување со вода за наводнување на земјоделските површини во атарот на населените места Удово, Јосифово и Пирава. Овој проект е од капитален карактер за општината и значајно ќе го осовремени начинот на занимавање со земјоделство на овие простори. Преминуваме на ново ниво во валандовското земјоделие и благодарни сме на владата што го овозможи тоа“, потенцираше градоначалникот Костадинов.

Тој на увидот на улицата која го поврзува населеното место Горна Мала со Јосифово и регионалниот пат Р-1105 потврди дека Јосифово добива комплетно нова улица со тротоарски површини, подобрена инфраструктура и нов урбан простор.

„Ги поврзуваме двете населени места и ја зајакнуваме нераскинливата врска помеѓу граѓаните. Се подобруваат условите за живот овде и значајно се зголемува сообраќајната безбедност“, финализираше градоначалникот Костадинов.