Средба на премиерот Спасовски со српската амбасадорка Дивјак Томиќ: Соработката и пријателството се во развој и продолжуваат со цел стабилен регион и заштита на јавното здравје

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски, се сретна со Душанка Дивјак Томиќ, амбасадорка на Република Србија, која го завршува својот мандат во нашата држава.

Премиерот Спасовски врачи писмо до српската премиерка Ана Брнабиќ, на амбасадорката Дивјак Томиќ, во кое што честита за успехот на парламентарните избори во Србија.

На состанокот беше заеднички констатирано дека Северна Македонија и Србија имаат традиционално добри пријателски односи, но дека последните три години бележат пријателство и соработка во развој, поради остварени значајни конкретни проекти што придонесуваат за унапредувањето на комуникацијата и соработката, како меѓу нашите две држави, така и во регионот. Меѓу нив се посочени системот за гранично управување на преминот Табановце – Прешево, по принципот One Stop Shop, од голема полза за граѓаните на двете земји, за економиите и туризмот, потпишаната спогодба за отворање заеднички граничен премин Лојане – Миратовац, одличната соработка на кризните штабови на двете држави, во услови на светската здравствена криза.

Амбасадорката Дивјак Томиќ изрази очекување дека Република Северна Македонија ќе продолжи по интеграцискиот пат, со реализација на европските аспирации, што ќе биде влог на нашата држава во стабилноста внатре во земјава и за регионот.

„Пред нас се шанси за уште поголемо унапредување на билатералната соработка, но и за унапредување на соработката меѓу државите во целиот регион, низ решавање на сите прашања во интерес на земјите и на целиот регион, што овозможува стабилност и просперитет за сите“, рече премиерот Спасовски.

На средбата е заеднички оценето дека економската размена меѓу двете држави е исто така во развој и дека постојат уште можности за унапредување на соработката на економски план.  

Премиерот Спасовски и амбасадорката Дивјак Томиќ разговараа посебно за светската здравствена криза и за потребата од функционирање во секојдневниот живот низ совесно и одговорно однесување на сите, со цел заштита на јавното здравје и на економиите.