Филипче во посета на ЦЈЗ и болницата во Битола: Колегите се на висина на задачата – новата лабораторија во Битола е значајна придобивка за регионот

Денеска, Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче ги посети Клиничката болница и Центарот за јавно здравје во Битола и оствари средба со колегите, медицинските работници кои работат во овие две здравствени установи.

„Денеска сум во посета на Клиничката болница, тука, во Битола, којашто практично од почетокот на корона кризата е регионален центар во кој се сместуваат пациенти заболени од ковид-19 од целиот овој регион, не само од Битола, туку и од Охрид, Струга, Ресен. Кадарот навистина се покажа дека е на висина на задачата, лекарите - врвни експерти со огромно искуство во третманот на пулмолошки болести, се покажаа дека и во третманот на оваа болест навистина врвно ја вршат својата работа, пожртвувано 24 часа на работа и на повик, на располагање на пациентите за да добијат соодветна здравствена услуга.“ – изјави Филипче.  

Од почетокот на оваа недела, во рамките на Центарот за јавно здравје во Битола е ставена во функција и лабораторијата којашто сега ќе прави анализи и за SarsCov2.  

„Досега овој систем функционираше така што на сите суспектни пациенти им беа земани брисеви и тие беа испраќани во лабораторијата во МАНУ. Резултатите после воспоставувањето на овој систем се добиваат истиот ден, меѓутоа сметам дека оваа лабораторија овде во Битола е една значајна придобивка, заради тоа што ќе може да опслужи поголем број на граѓани и не само пациентите кои се хоспитализираат и коишто го чекаат резултатот.“ – потенцираше Филипче.

Во рамките на посетата, Министерот Филипче имаше можност да ги слушне искуствата и предизвиците со кои се соочува медицинскиот персонал во двете здравствени установи.  

„Разговаравме со колегите лекари и медицински сестри за бројните предизвици со кои се соочуваат, начините на коишто тие можат да се надминат, сè со цел здравствената услуга да биде на соодветно ниво. И не само за пациентите овде во Битола, туку и за целиот регион.“ изјави Филипче и информираше поконкретно за состојбата во битолската болница.

„Во моментот се хоспитализирани 32 пациенти од кои само двајца пациенти се од Битола, останатите се од околните градови. Десет пациенти се сомнителни на ковид, се чекаат резултатите да стигнат во текот на денот. Има три слободни кревети и потенцијално доколку треба околу 20тина кои би се ослободиле доколку има наплив на пациенти, што во овој момент не очекуваме, имајќи предвид дека денеска нема ново-дијагностицирани овде во Битола и бројот на активни случаи од градот е навистина мал“- рече министерот Филипче.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој посочи дека новодијагностицираните случаи во Ресен потекнуваат од семејни настани на кои не се почитувале превентивните мерки. Луѓето не носеле маски, ниту пак го почитувале правилото за неопходната дистанца, што впрочем е случај на територијата на целата држава. Овој бран се должи на непочитување на мерките.

„Општина Ресен брзо изреагира. Во соработка и заедничка согласност со неколку компании погоните се затворија во период од десет дена до две недели со што значајно се намалува бројот на контактите и интензитетот на тие контакти коишто можат да донесат до поголем број заболени. Имајќи ја предвид еволуцијата, овој број не е неочекуван, но е значајно помал од она што можеше да се случи доколку немаше затворање на погоните“- одговори Филипче и додаде дека точно се знаат контактите и тие се ставаат во изолација, а согласно ризикот се индицира тестирање.